Слаб почеток на туристичката сезона
Во шпицот на туристичката сезона Охрид е полупразен. Временските услови секако не им погодуваат на домаќините, но експертите сметаат дека треба да се преиспита ценовната политика доколку овој наш најголем туристички центар очекува повторно враќање на домашните туристи.

Првите 20-тина дена од главната туристичка сезона на охридското крајбрежје поминаа далеку под очекувањата,барем кога се работи за домашните и туристите од соседните земји. Во хотелските капацитети доминираат странците, а индивидуалните сместувачки капацитети се полупразни.Причините за ваквите состојби пред се треба да се бараат во ценовната политика.
„Ценовната политика не одговара на стандардот на населението во Република Македонија и во опкружувањето,пред се мислам на бугарските и српските туристи.Како фактор сигурно треба да се земат и неприликите кои беа присутни во Србија оваа година“, вели проф. д-р Науме Мариноски.
Туристичките агенции очекуваат зголемување на бројот на туристите во наредните неколку дена.
„Очекуваме од наредната недела зголемен број на туристи затоа што најавите и временската прогноза укажува дека временските прилики ќе се подобрат“, велат од една туристичка агенција.
Поради лошите временски услови плажите не се преполни како во минатото, но гостите сепак уживаат во убавините на Охрид.
„Ова е прекрасно место за одмор,особено за децата.Езерото е убаво,а домаќините се гостопримливи“, вели турист од Русија.
„Времето не е убаво,така што е ладно и не може да се оди на плажа“, вели турист од Србија.
Факт е дека угостителите ги имаат набилдано цените на услугите со што ги одвраќаат гостите.
Меѓутоа не е реално да се очекува наплив од туристи ако постојано врне,а температурата на езерската вода како што беше во изминатите две до три недели е помеѓу 21-от и 23-от степен.
Сашо Нелоски
