економија

Сомнеж за злоупотреби во ФИТР, 60-ина компании под истрага

29.10.2024 17:31

Новиот директор на Фондот за иновации и технолошки развој, Никола Додов откри – ревизиите покажале оти 60-ина компании злоупотребиле средства со фантомски проекти. Буџетот на ФИТР бил оштетен за 3,2 милиони евра. Најавени кривични пријави. Поранешните директори на Фондот ги отфрлија …

60-ина компании под истрага. Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој откри дека ревизијата, која сè уште трае, открила неправилности. Додов рече дека се откриени злоупотреби и од страна на 50 приватни здравствени установи, кои купувале медицинска опрема во ковид кризата. Буџетот на ФИТР бил оштетен за 3,2 милиона евра.

Директорот рече дека по назначувањето затекнал само 8 редовно вработени во Фондот и 40 договорци на дело, кои не доаѓале на работа, а фигурирале на платниот список со високи хонорари.

Новото раководство на Фондот рече дека заедно со правниот тим ги собира потребните докази и подготвува кривични пријави за констатираните злоупотреби.

Доскорешниот директор на Фондот, Фестим Халили ги отфрли наводите на Додов како целосно невистините.

„Во текот на времето кога сум раководел со ФИТР, Фондот работел транспарентно и бил целосно отворен за сите прашања, коментари и предлози во насока на реализација на цели и програми. Сите постапки се процесирани врз основа на законот за иновациска дејност и правилниците што произлегуваат од тој закон. Резултатите од сите затворени повици биле јавно објавени на веб-страната, и јавно доделувани договорите“, вели Халили.

И поранешните директори на Фондот тврдат дека работеле законски.

„Ниту една од овие ревизии не покажа недоследности во користењето на средствата. Отсекогаш сум практикувал целосна транспарентност во работењето. Во тој дух, останувам на располагање на институциите за поддршка во разјаснување на евентуални отворени прашања, што биле во доменот на моите задачи, доколку има такви“, изјави Јован Деспотовски.

Од 2020 до 2022-ра година директор на фондот беше Коста Петров кој за МТВ вели дека и тој го почитувал законот.

„Секој проект одобрен за финансирање во ФИТР е избран од независен комитет за одобрување инвестиции според транспарентни и објективни критериуми. Проектите потоа се следени од реномирани ревизиски куќи за да се гарантира дека средствата се користат одговорно и ефективно. Уверен сум дека секоја одлука за време на мојот мандат е донесена строго во согласност со законите. Се разбира, доколку договорите не се реализирани од страна на примателите на грантовите, постојат правни механизми за да се санкционира истото“, вели поранешниот директор Петров.

 

Ана Јосифоска