Предлог-буџетот за 2025 година го мина владиниот филтер
Раст на македонската економија до 3,7 проценти, буџетски дефицит од 4 проценти и инфлација од 2,2 проценти. Предлог-буџетот за 2025 година го мина владиниот филтер …

Вкупните приходи за 2025 година ќе изнесуваат 358 милијарди денари, пораст од 13 проценти во споредба со Буџетот за 2024 година. Расходите проектирани на 400 милијарди денари, зголемување од 10 насто во однос на претходната година. Предлог-буџетот за 2025 година го мина владиниот филтер. Проекциите предвидуваат економски раст од 3,7 проценти, буџетски дефицит од 4 проценти и инфлација од 2,2 проценти. Јавниот долг да биде околу 64 проценти.
Буџетот за 2025 година вклучува мерки за фискална консолидација и дисциплинирано управување со даночните средства, како и политики за стимулирање на економскиот раст.
„Создадовме Буџет кој има за цел вистински развој на државата. Капиталните расходи се предвидени на ниво од 50,65 милијарди денари, што е зголемување од 13 проценти, или шест милијарди денари во споредба со ребалансот на буџетот. Овој раст е клучен за нашиот развој, особено затоа што износот на капиталните расходи надминува номиналниот износ на дефицитот“, изјави министерката Димитриеска Кочоска.
Во државната каса предвидени се 105 милијарди денари за исплата на редовни пензии, во кои се вклучени и 15 милијарди денари наменети за мартовското линеарно зголемување од 2.500 денари.
Во предложениот Буџет предвидено е и зголемување на платите во здравствениот и образовниот сектор со цел да се мотивираат оваа група на граѓани.
За раст на платите на здравствените работници во буџетот на Фондот предвидени се 5,2 милијарди денари повеќе.
Додека пак за вработените во образовниот сектор планирани се дополнителни две милијарди денари. Минималната плата ќе биде поврзана со продуктивноста, а како таа ќе се движи ќе зависи од економските услови.
Марина Стојанова - Тонева
