СОНК со поддршка за професорите кои добија отказ
На вонредната седница од СОНК побараа измени во Законот за високо образование за да се заштитат просветните работници од самоволието на универзитетските менаџменти.

Универзитетскиот ректорат во Штип има рок до понеделник да ги унапреди во повисоко звање тројцата професори, кои добиле отказ од Економскиот факултет. Доколку тоа не се случи, највисокото раководство на синдикатот за образование од вторник ќе почне штрајк со глад. На вонредната седница од СОНК побараа измени во Законот за високо образование за да се заштитат просветните работници од самоволието на универзитетските менаџменти.
„Ја разбираме автономијата на универзитетите но под автономија неможе да се крие никој да се однесува така како што се однесува во едно демократско општество, а тоа најмалку да им се случува на просветни работници, на академски граѓани, тоа СОНК никогаш нема да го дозволи “, вели Јаким Неделковски, претседател на СОНК.
Деканот и Ректорот на штипскиот Универзитет иако поканети не се појавија на седницата на синдикатот. Универзитетскиот професор Кекеновски овој случај го опиша како преседан најголем во историјата на високото образование кој ги крши уставот и законите .
„Нема да дозволиме некој да си игра со достоинството на професорот, поготово со судбината на своите колеги, а уште пострашно со судбината нана нивните семејства“, рече Јове Кекеновски, универзитетски професор.
Тројцата професори со поддршката од СОНК велат дека ќе одат до крај за да ја докажат вистината.
„Луѓето кои потпишаа и кажаа дека ние треба да бидеме избрани во повисоко звање, без аргументи зошто тие гласаат против“, рече Крсте Шајновски еден од универзитетските професори кој доби отказ.
Министерството за образование неможе да влијае на конечната одлука која треба да ја донесе просветниот инспекторат ниту да се меша во автономијата на Униерзитетот.
Решението на државниот просветен инспекторат е да се повтори постапката во некои делови и таму има рок за постапување од осум дена, и доколку не се постапи постојат и други мерки“, рече министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми.
Ова е девети ден како професорите штрајкуваат со глад.
Викторија Тодоровска
