Израел

Продолжува жестоката реторика на релација Иран-Израел

30.10.2024 09:22

Последните напади од копно и од воздух во северниот дел на Газа ја влошија и онака кревката хуманитарната состојба. Се бараат начини за спас на цивилите. Хамас објави дека прифаќа разговори за нови предлози за примирје. Во изминатото деноноќие израелската одбрана погодила над 100 цели на Хезболах во Либан, ликвидирани десетици оперативци. Продолжува жестоката реторика на релација Иран-Израел...

Не мирува Блискиот Исток. Растат непријателствата, расте и црниот биланс. На копно и од воздух се водат жестоки битки. Ударите продолжуваат во северниот дел на Газа. Палестинската енклава се соочува со хуманитарна катастрофа. Откако Израел ја забрани УНРВА, се бараат начини за спас на цивилите.

„Ќе продолжиме да носиме медицински материјали, гориво, храна за персоналот и пациентите. Ова е четврта мисија на СЗО во последните две недели. Важно е да ги пренесеме критичните пациенти“, изјави д-р Ричард Пиперкорн, претставник за окупираната палестинска територија, СЗО.

„Ситуацијата и натаму е катастрофална и покрај помошта на СЗО. Нема вода, нема лекови, нема храна. Иако беа донесени некои залихи, тие се минимални. Итно ни требаат хируршки тимови за интервенции за спасување на повредените пациенти“, изјави д-р Хосам Абу Сафија, директор на болница во Газа.

Хамас објави дека го прифаќа барањето на посредниците САД, Катар и Египет да разговараат за новите предлози за прекин на огнот и ослободување на израелските заложници и палестинските затвореници. Упатени обвинувања кон Израел дека се обидува да создаде пречки во преговарачкиот процес.

„Делегацијата на движењето потврди дека сме отворени за секаков договор или идеи кои ќе стават крај на страдањата на нашиот народ во Газа и ќе го прекинат огнот еднаш засекогаш“, изјави Сами Абу Зухри, висок претставник на Хамас.

Тел Авив се закани дека знае како да стигне до Техеран доколку земјата возврати со уште еден ракетен бараж. Реакцијата следува откако иранските власти рекоа дека одговорот по одмаздничкиот напад од Израел викендов нема да биде избрзан.

„Ако Иран направи грешка да лансира нов ракетен бараж кон Израел, ние повторно ќе знаеме како да стигнеме до него, со способности кои не ги ни користевме овој пат“, изјави Генерал-полковник Херзи Халеви, израелски началник на Генералштабот.

Во изминатото деноноќие израелската одбрана погодила над 100 цели на милитантите во Либан, ликвидирани десетици оперативци на Хезболах. Пронајдени ракетни фрлачи насочени кон северните израелски градови, а поставени меѓу цивилното население.

 

Маријана Димовска