Југоисточна Шпанија погодена од незапаметени поплави кои однесоа над 50 жртви
Југоисточна Шпанија погодена од незапаметени поплави кои однесоа најмалку 50-тина жртви. Во Валенсија урнати мостови и патишта, потонати возила поради налетот на поројните дождови и бурата проследена со град наречена „Дана“. Временскиот феномен предизвика речиси пет метри дожд на метар квадратен. Не престануваат повиците за помош, во Валенсија владее хаосот...

Црвена тревога во Андалузија, Кастиља Ла Манча и во Валенсија. Потрагата по исчезнатите не престанува. Застанаа и железничкиот и патниот сообраќај меѓу Мадрид и градот Валенсија. Медиумите јавуваат за воз со 276 патници што излетал од шините, но за среќа, нема повредени. Од силината на феноменот „Дана“, камион падна од надвозник врз железнички колосек. Жителите скитаат низ погодените подрачја.
„Ми помогнаа од цивилната гарда. Се обидовме да се вратиме дома, но беше ужасно“, изјави жителка на Валенсија.
„Немоќ, тага, гнев, несреќа, многу непријатна и многу тешка состојба“, изјави друга жителка на Валенсија.
Во Албасете, 30-тина жители се најдоа во стапица по поплавите. За среќа беа спасени.
„Додека вечеравме, наеднаш слушнавме чуден звук, по улицата надоаѓаше огромен порој, немавме избор, отидовме на погорните катови и чекавме што ќе се случи“, изјави спасен жител на Албасете.
Во Андалузија се пријавени околу 600 несреќни случаи. Во центрите за помош не престануваат да ѕвонат телефоните.
„Не можеме да го одредиме бројот на жртвите, засега не е возможно да се потврди“, изјави Карлос Мазон, претседател на регионот Валенсија.
„Сите патишта, главни и споредни, се отсечени. Затоа да не се патува или воопшто да се излегува на невремево. Не можеме да допреме до луѓето кои бараат помош“, изјави Пилар Бернабе, делегат во владата на Валенсија.
Мадрид итно ја ангажираше шпанската Армија. Спасувачките операции се во тек, на теренот се и кучињата трагачи.
„Ова е невообичаен феномен. Водената лавина беше неверојатна. Сите се мобилизирани, сите. и ќе бидат таму колку што е потребно“, изјави Маргарита Роблес, министер за одбрана на Кралството Шпанија.
Во шпанскиот парламент една минута молчење за жртвите. Несреќата на жителите од трите шпански покраини предизвикана од временскиот феномен, мешањето на студен воздух со претоплиот Медитеран, ги обедини власта и опозицијата.
Зоран Богатинов
