Слаб е интересот кај младите да станат пожарникари

20.07.2014 17:08

Скопските пожарникари од почетокот на годинава интервенирале на повеќе од 400 огнени стихии. Отпушоци од цигара и мало невнимание, – во летните месеци најмногу гори. Во западните земји да се биде пожарникар е престижна професија. Кај нас, и покрај хуманата димензија, да се биде меѓу огнените јазици не е топ приоритет на младите при изборот на работното место.

Од дојава за пожар, до напуштање на базата изминуваат само 60 секунди. Колку експедитивно работат скопските пожарникари излеговме со нив на терен да провериме.

Противпожарните екипи добија дојава дека има пожар во Шуто Оризари.

Возачите во престолнината се дисциплинирани. На звукот на сирената дискретно ги поменстуваат возилата од улицата.

„Во возилата има пет пожарникари, однсоно шофер, командир и тројца пожарникари,“ вели Зоран Тодоровски, пожарникар.

Над пазарот во Шутка, огнената стихија се заканува да ја пеплоса целата лединка.

„Некои деца ја запалија травата, па после тоа огнот се прошири“, вели Муса Бериша, жител на Шуто Оризари.

Најмногу работа противпожарните единици имаат во летните месеци, доволно е мало невнимание, запален отпушок од цигара за да настане и голем пожар.

Пожарот е локализиран за помалку од еден час. Оперативната екипа ги собира цревата и е подготвена за враќање во базата.

„Јас не жалам дека сум се одлучил за тоа, ако можам повторно би избрал да бидам пожарникар“, вели Зоран Тодорвски, пожарникар.

237 пожарникати ги чуваат имотите на скопјани од пожар. Во просек дневно имаат по четири интервенции. Најмногу во летните месеци.

„Основен причинител за настанување на пожар, поготово на отворен простор е човечкиот фактор, од невнимание, од намерно палење. Ако дојавата навремено биде примена ние веднаш излегуваме на лице место и материјалната штета ќе биде многу помала,“ вели Благоја Менковски, Командир на скопската противпожарна бригада.

Со секојдневни тренинзи под професионален надзор пожарникарите ја оддржуваат физичката кондиција. Извлекуваат повредени патници од сообраќајни несреќи, симнуваат залутани миленичиња по туѓи покриви, отвораат заглавени брави и сефови.

За македонски услови платите се просечни, а ризикот голем, па така за оваа професија нема голем интерес меѓу младите. Оние, пак повозрасните, кои ја носат во крвта велат – кога повторно би се родиле, одново би го избрале истиот животен повик.  

Анита Димитријевска