Евроинтеграции

Мицкоски ја бетонира македонската позиција за уставните измени

30.10.2024 15:26

Немаме намера да правиме ниту еден потег без да видиме јасно видлив крај – премиерот Мицкоски ја бетонира македонската позиција за уставните измени. Секој губи по нешто, но со Францускиот предлог ние губиме сè, вели шефот на владата…

Владата нема намера во Собранието да поднесе барање за гласање на уставните измени со одложено дејство. Тоа би бил едностран потег што би значел целосно загрозување на и така загрозените позиции на земјава поради авантурите на претходната влада. Вин-вин решение не е можно. Секој губи по нешто, но со Францускиот предлог ние губиме сè, анализира шефот на Владата.

„Се разбира дека треба да добиеме каков било сигнал за да почнеме да одиме напред. Сигурно нема да влеземе во каква било авантура. Ние не сме ниту Бујар Османи, ниту Маричиќ, ниту Ковачевски да бидеме лековерни и наивни да веруваме на интересите на трети страни. Наш интерес се македонските граѓани, државата и евроинтегративните процеси и тука стоиме во првата линија и ќе ги браниме и ќе се бориме“, вели тој.

Никаде не пишува дека уставните измени треба да се применат веднаш, коментира претседателката на либерал-демократите, Моника Зајкова. И сега да почне постапката, измените би стапиле на сила со потпишувањето на Пристапниот договор со Европската унија – смета Зајкова.

„Постојано говорев дека треба да најдеме начин да ги спроведеме заклучоците коишто Европскиот совет ги усвоил во врска со проширувањето на Македонија и Албанија. Оттука, пак се враќаме на тоа дека треба да ги спроведеме уставните измени, меѓутоа во уставниот закон, којшто е последната или третата фазаимаме можност да го вградиме тоа одложено дејство“, вели Зајкова и додава дека во секој закон на крајот може да се стави преодна одредба кога истиот би стапил во сила.

Моника Зајкова останува независен пратеник во Собранието и вели дека сепак не е надвор од коалицијата со СДСМ. Премиерот Мицкоски со коментар-поддршката од секој пратеник ни е добредојдена. Сепак, не разговарал со коалициските партнери за влез на ЛДП во нивното друштво.

Миле А. Ристески