Европа

Југоисточна Шпанија под вода, расте бројот на жртви

30.10.2024 17:37

Над 60 загинати и исчезнати во големите поплави во јужна и источна Шпанија, предизвикани од поројните дождови. Најкритично во Валенсија. Во сила црвен аларм, невремето ќе продолжи...

Незапаметени поплави, страотни сцени и хаос по бурата „Дана“ што го зафати југоистокот на Шпанија. Бројот на жртви расте, меѓу нив, деца и бебиња. Во Андалузија и Валенсија-црвена тревога. Урнати мостови, блокирани патишта, улици претворени во реки. Најголемата катастрофа на 21 Век-сведочат жителите.

„Никогаш досега во историјата немало толку многу дожд. Не можете ни да го замислите количеството вода што беше овде“, изјави жител на Валенсија.

„Тоа е катастрофа. Поплавите што не погодија во 82-та година, кога имав десет години, беа шега во споредба со она што се случи овде сега“, изјави друг жител на Валенсија.

Опасноста не е помината. Осум заедници и натаму се во состојба на готовност поради изобилните дождови. Премиерот Санчез побара од граѓаните да бидат екстремно внимателни во наредните денови.

„Уште осум заедници имаат жолто предупредување според најновото ажурирање од метеоролошката агенција, затоа ги замолувам оние кои живеат таму да преземат екстремни мерки на претпазливост, да избегнуваат патувања и постојано да внимаваат на препораките на итните служби“, изјави Педро Санчез премиер на Шпанија.

Сериозната ситуација во голема мера ги отежнува спасувачките акции на теренот. Потрагата по десетици исчезнати продолжува во сложени услови.

„Точната бројка не ја знаеме, луѓето кои не се лоцирани се соседи на градот, што значи можеби има многу повеќе исчезнати за кои и не сме свесни“, изјави Серџо Марин, градоначалник на Летур.

Во Андалузија се пријавени околу 600 несреќни случаи. Погодена е и покраината Кастиља Ла Манча. Во центрите за помош не престануваат да ѕвонат телефоните. Мадрид итно ја ангажираше армијата. По Кризниот комитет со кој претседаваше, главниот извршен директор на Мадрид рече дека апсолутно сите средства ќе бидат ставени на располагање за помош на погодените од оваа трагедија. Поддршка за семејствата на жртвите најави и кралот на земјата Филип VI.

 

Бојана Крстевски