Македонија

Стабилна е состојбата на битолчанката која крвнички беше претепана од поранешниот партнер

30.10.2024 16:20

Брутално насилство врз жена во Битола. Осомничен е 39-годишен маж кој ја затворил својата поранешна девојка во викендичка и ѝ нанел сериозни повреди. Осомничениот за насилството е во бегство. Обвинителството одреди мерка притвор…

24-годишната битолчанка којашто беше крвнички малтретирана и претепана од страна на нејзиниот поранешен 16 години постар партнер е во стабилна здравствена состојба, информираа за МТВ од Клиничкиот центар „Д-р Трифун Пановски“. На 21-ви октомври, не можејќи да го поднесе насилството, таа се самоповреди со кујнски нож оштетувајќи си ги вените на левата рака. Истиот ден ѝ била укажана соодветна лекарска помош и на Одделот за психијатрија, и по проценка дека не е во животозагрозувачка состојба, пациентката била пуштена на домашно лекување.

Жителите на Нижеполе не сакаа да зборуваат пред камера. А граѓаните на Битола се згрозени од ваквиот насилнички чин врз жена.

Кривична пријава од СВР Битола до ОЈО е поднесена за кривичното дело противправно лишување од слобода. ОЈО поведе постапка против осомничениот 39-годишник за делото, а по предлог на јавниот обвинител за мерка притвор, истата ќе треба да биде спроведена по неговото наоѓање и лишување од слобода.

Според анализите на клиничките психолози, малку жени се осудуваат да пријават ваков тип насилство, најмногу поради срамот и стравот од осуди на околината.

Сè уште не е јасен мотивот за ова брутално насилство.

Ружица Аџикотарева Ѓоршевска