Комплетирање на уставните измени и забрзување на реформите
Да се интензивира темпото на реформите, билатералните договори да се спроведуваат со добра волја – Брисел го објави извештајот за напредокот на земјава. Нотирано- уставните измени не се усвоени…

Засилување на темпото на реформите и уставни промени на кои се обврза Македонија, се посочени во најновиот извештај за напредокот на земјава за 2024-та година. Покрај уставните промени, во извештајот се нагласува потребата од спроведување со добра волја на билатералните договори со соседните земји, односно Преспанскиот и Договорот за добрососедство со Бугарија. Комисијата со нетрпение очекува брзо и решително следење на скрининг-патоказите на земјата согласно со Преговарачката рамка, за да се отвори првиот кластер поглавја што е можно поскоро, кога ќе се исполнат релевантните услови, стои во извештајот за земјава.
„Имаме повеќе земји кандидатки, но и држави кои преговараат. Имаме шест земји кои преговараат со можност и седма-БиХ. Па ова покажува дека имаме направено напредок, што во мандатот на идната комисија може да резултира со ново проширување“, изјави Оливер Вархеји-еврокомесар за соседска политика и проширување.
Најмногу забелешки има за владеењето на правото и довербата во правосудниот систем. Од ЕК оценуваат дека не треба да се распушти Судскиот и Советот на обвинители, кои треба да останат независни тела, да се подобри спроведувањето на законите и ефикасното завршување на судските процеси со лица од висок профил.
Северна Македонија нема напредок во борбата против корупцијата, за која се оценува дека е на пониско ниво од лани, одреден напредок се нотира за постапките околу организираниот криминал и слободата на изразување.
Реформата на администрацијата е на умерено ниво, и постои 100-процентна усогласеност со европската надворешна и безбедносна политика. Најдобро оценет е напредокот во земјоделството.
„Некои од нашите партнери, целосно се усогласени со нашата заедничка надворешна и безбедносна политика. Можам да ги спомнам, Македонија, Албанија, Црна Гора, БиХ и Косово“, нагласи Жозеп Борел-висок претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика.
Комисијата оценува дека е потребен нов Кривичен законик и реформа на локалната самоуправа.
Ирина Гелевска
