Расте дефицитиот во надворешно-трговската размена со соседна Србија
Македонија значајен купувач на српски производи, а ние од нив немаме никаква корист...

Опаѓа македонскиот извоз во Србија. Според податоците на Стопанската комора во Белград, лани Македонија извезла 12% помалку стоки споредено со 2012. Извозот продолжува да опаѓа и годинава. Во првиот квартал е намален за 10% . Од друга страна српскиот извоз во Македонија годинава е зголемен за 27%. Токму поради ова вкупната размена има раст од 7%.
„Причините според мене се, преголемата конкурентност на пазарот во Србија, намалената побарувачка и платежна моќ во Србија, намаленото производство во Македонија на земјоделски производи поради неповолните климатски услови во регионот и неадекватната понуда на Македонија на побарувачката во Србија“, вели Коле Милчев, директор на Колид-Белград, Македонска бизнис асоцијација во Србија.
Од земјава најмногу се извезуваат лекови, јаболка, домати, грозје и вино. А во увозот од Србија доминира електричната енергија, пченицата, сончогледовото масло, брашното и безалкохолните пијалоци.
И покрај нашата желба да купиме македонски бостан, патлиџан, пиперки, македонски зеленчук и овошје-нив на белградските пазари со години ги нема.
Македонската бизнис асоцијација во Србија работи на намалување на дисбалансот во размената. Обединува 60-ина преставници на македонски фирми и македонци менаџери на големите српски фирми.
„Српскиот пазар е многу поголем од македонскиот пазар и можностите и потенцијалите што го нуди српскиот пазар за продажба на квалитетни производи е многу поголем. Македонските производи се широко прифатени како високо квалитетна и здрава храна кај српскиот потрошувач. Затоа македонските производители треба да ја искористат можноста за што поагресивен и систематски пристап кон српскиот пазар“, вели Петар Денковски, комерцијален директор на Веро-Србија, Македонска бизнис асоцијација во Србија.
Бизнис релациите се Србија ги олеснува и договорот за взаемно поттикнување и заштита на инвестициите и избегнување на двојното оданочување.
Оливер Бранковиќ
