МНР

Муцунски на Министерска конференција за хуманата димензија на Формулата за мир на Украина

31.10.2024 08:23

Конференцијата е организирана во копартнерство од страна на министерствата за надворешни работи на Канада, Норвешка и Украина.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска ќе учествува на Министерска конференција за хуманата димензија на Формулата за мир на Украина, која се одржува во Монтреал, Канада.

Конференцијата е организирана во копартнерство од страна на министерствата за надворешни работи на Канада, Норвешка и Украина.

На конференцијата, како што информира Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, се очекува министрите да разменат мислења и ставови околу враќањето на воените заробеници и незаконски притворените цивили како резултат на руско-украинската војна, како и за изнаоѓање најсоодветни механизми за враќање на незаконски раселените и присилно депортираните украински деца од страна на Руската Федерација.

Дополнително, се очекува од конференцијата да произлезе акциски план за ослободување на притворените цивили, воени и политички заробеници, како и за враќање на депортираните деца.

Планот ќе опфати и мерки за нивна рехабилитација и повторна реинтеграција со нивните семејства по враќањето во татковината, се наведува во соопштението.

Во рамки на конференцијата, предвидено е Муцунски да оствари и неколку билатерални средби.