Договорено дислоцирање на телата на патниците од малезискиот авион
На меѓународните набљудувачи ќе им бидат создадени услови за операцијата, но не се знае местото на кое ќе бидат однесени труповите...

Украинската Влада и проруските сепаратисти под силен притисок на меѓународната јавност постигнаа прелиминарен договор за дислокација на телата на патниците од урнатиот Малезискиот боинг. На меѓународните набљудувачи ќе им бидат создадени услови за операцијата, но не се знае местото на кое ќе бидат однесени труповите. Во Холандија од каде што имаше најмногу жртви расте гневот и тагата. На насловните страници на весниците, преовладува ист наслов „Убијци“.
„Насилството предизвикува насилство, така е тоа. Тоа е моето мислење“, вели еден холанѓанин.
„Сега веќе ништо не може да се направи, бидејќи веќе се случи. Никој не знае зошто се случило и на кој начин“, вели еден друг холанѓанин.
Во меѓувреме продолжуваат меѓусебните обвинувања на релација Киев-Москва кој е виновникот за инцидентот. Потпаролот на украинскиот совет за безбедност и повторно обвини дека проруските сепаратисти ги кријат доказите за несреќата која ја предизвикаа. За објективна истрага е потребен меѓународен тим експерти, оцени канцеларката Меркел. Советот за безбедност на ОН ја разгледува Предлог-Резолуцијата поднесена од Австралија за осуда на виновникот за соборувањето на авионот.
„На семејствата на загинатите подршката сега им е најпотребна. Во овој момент треба да покаќеме дека тагуваме со нив и дека сум длабоко погодени од овој трагичен настан“, изјави Тони Абот, премиер на Австралија.
Истрагата за Боингот ги натера на каков таков договор двете страни на украинската криза, но не и за целосно запирање на жестоките судири кои продолжуваат во Доњецкиот регион.
Марија Петковска
