Во Шпанија тридневна жалост во знак на почит на жртвите во катастрофалните поплави
Апокалипса во Шпанија. Интензивните дождови се припишуваат на феноменот познат како „ладна капка“ која однесе над 90 жртви, а десетици се исчезнати. Аналитичарите од осигурителниот пазар предвидуваат дека поплавите ќе станат „најскапата природна катастрофа“ во историјата на земјата...

Шпанското знаме на половина копје-тридневна жалост во знак на почит на жртвите во катастрофалните поплави што го зафатија југоистокот на земјата. Црниот биланс расте, додека спасувачките напори за пронаоѓање исчезнати продолжува. Во Валенсија и натаму има отсечени области, а над 150 илјади домаќинства сè уште се без струја. Теренот се расчистува, се прават проценки на штетите.
„Цел ден расчистуваме, едвај застанавме за да јадеме“, изјави жителка на Валенсија.
„Засега имаме струја, но не и чиста вода за пиење“, изјави жител на Валенсија.
Немањето вода, храна и залихи ги фрлаат луѓето во очај. Немоќта пред природната катастрофа предизвика низа инциденти. Во текот на ноќта ограбени продавници и маркети.
„Дојдовме да донесеме вода. Се натоваривме бидејќи во супермаркетите нема ништо“, изјави жителка на Валенсија.
Премиерот Санчез во посета на разурнатите региони. Најави дека уништената инфраструктура ќе биде целосно обновена.
„Наш приоритет е да ви помогнеме. Ќе ставиме на располагање сè што е потребно за да закрепнеме од оваа трагедија. Нема да останете сами“, изјави Педро Санчез, премиер на Шпанија.
Помош за соочување со драматичната ситуација, најави и ЕУ.
„Европа е подготвена да помогне. Го активиравме системот Коперник за помош и координација на спасувачките напори. Понудивме да го активираме и механизмот за цивилна заштита. Европа е со вас“, изјави Урсула Фон Дер Лајен, претседателка на ЕК.
Метеоролозите предупредуваат дека лошите временски услови сè уште не се поминати. Ова е најголемата и најразорна бура во последниот век што ја памети Шпанија од смртоносните поплави во 96-та година кога загинаа 87 луѓе.
Бојана Крстевски
