Во Тетово несовесно се троши водата за пиење
Тетово во летниов период има доволно вода за пиење, но нерационално се користи. Надлежните најавуваат казни, а во тек е и поставувањето водомери со кои секое домаќинство ќе плати колку што ќе потроши вода.

500 литри вода во секунда. Толкава е овој период издашноста на шарските извори. Тетово има доволно вода на располагање, но често се користи за миење на улиците, тротоарите и автомобилите.
„Цели улици се со вода од прскањето со црева. Таа вода е за пиење, а не за прскање, треба да се казнат. Не би требало, барем не во поголема мера, да се прскаат улиците“, велат жители на Тетово.
Надлежните најавуваат засилени инспекциски контоли и казни за несовесните граѓани. Секоја година се појавува истиот проблем – наместо да се штеди, водата тече по улиците.
„Ќе започнеме со опомени за граѓаните што ја трошат водата несовесно, а потоа има можност да започнеме со казни“, изјави Џелал Цека, директор на ЈКП Тетово.
Во тек е и проектот со кој се поставуваат водомери. Секое домаќинство ќе добива сметка за вода по принципот „Колку трошиш – толку плаќаш“.
„Станува збор за 5 500 водомери, од кои 2 000 се електронски. До крајот на овој месец треба да се комплетира првата фаза од проектот“, смета Џелал Цека, директор на ЈКП Тетово.
„Колку ќе си потроши, секој би требало да си плати. Некоја фабрика прска улици, а ти плаќај за него. Веројатно тоа е попрактично“, велат жители на Тетово.
Тетовци често имаат проблеми со недостиг од вода за пиење. Проблемот се провлекува со децении. Покрај совесната потрошувачка, решение е и доизградбата на новиот зафат на шарските извори. За таа намена, според локалните власти, годинава се издвоени средства од државниот буџет.
Зоран Јованоски
