Отворена изложбата „Aвстриската современа уметност по 1945“ во Даут пашин амам
Одбележувањето на 30 години од воспоставувањето на дипломатска соработка помеѓу Австрија и Северна Македонија, со претставување на изложбата „Aвстриската современа уметност по 1945“ ја донесува на сцена сликата на пријателската рамка помеѓу двете земји...

Одбележувањето на 30 години од воспоставувањето на дипломатска соработка помеѓу Австрија и Северна Македонија, со претставување на изложбата „Aвстриската современа уметност по 1945“ ја донесува на сцена сликата на пријателската рамка помеѓу двете земји. Оваа исклучителна соработка се темели како преку личните контакти, така и преку културолошките и економските контакти. Учеството во натамошниот развој на пријателските односи е од голема важност за Австриската амбасада во Скопје за што говори и високиот протокол на отворањето на изложбата.
Публиката и високите претставници од Австрија ги поздрави Маја Неделкоска Брзанова, директорка на Националната галерија.
„Ако се согласиме дека јазикот на уметноста и културата е универзален јазик кој во себе ги создава, гради и негува општочовечките вредности, тогаш можеме да кажеме дека токму преку афирмацијата на уметничкото творештво во најголема мера всушност можеме да ги зацврстиме културните врски меѓу народите и земјите, притоа секогаш истакнувајќи ги взаемните и универзални вредности и поттикнувајќи исклучиво одредена хуманистичка димензија“ - истакна Неделкоска Брзанова.
„Културната дипломатија, место за средба меѓу локалното и глобалното знаење е привилегиран посредник меѓу различни општества. Меѓу најголемите приоритети на Амбасадата е реципрочната промоцијата на културата на двете земји, културно наследство кое дејствува како мост меѓу цивилизациите и го поттикнува дијалогот. Уметничката креативност, изразување и делата што произлегуваат од нив се секогаш под влијание на традицијата и наследството. Сепак, овие влијанија можат да послужат како инспирација за нови уметнички форми“ – сподели меѓу другото, австрискиот амбасадор, Мартин Памер.
Во реализацијата на изложбата „Австриската современа уметност после 1945“ е вклучено Министерство за култура и туризам што претставува директна поддршка на меѓународната културна соработка и активност.
