Евроинтеграции

Реакции за извештајот на ЕК за Македонија

31.10.2024 16:49

Директорот на Директоратот за проширување, Герт Јан Копман ја смести Македонија во трите земји-кандидатки кои во изминатата година не направиле значителен напредок во реформите. Нема напредок во судството. Полоша оценка е за корупцијата, оценуваат од Институтот за европска политика…

Директорот на Директоратот за проширување, Герт Јан Копман во анализа на извештаите за напредокот за земјите-кандидати, ја смести Македонија во трите земји кандидатки кои во изминатата година не направиле значителен напредок во реформите и кои мора да се потрудат да го надоместат тоа наредната година.

За Македонија, повтори дека услов за отворање на првиот кластер поглавја остануваат уставните промени, што јасно им било укажано на македонските власти при последната посета.

„Северна Македонија мора да ја испорача обврската да ги усвои уставните промени кои вклучуваат недискриминација на граѓани од сите етнички припадности. Ова сè уште не е направено. Владата знае дека е услов за отворање на кластерот еден и напредување во преговорите. Плус има и други реформи, што владата мора да ги направи“, нагласи Копман.

Имаме мали подобрувања во подготвеноста во областа на статистиката, внатрешните работи, индустриската политика и борбата против организираниот криминал. Нема напредок во судството. Полоша оценка е за корупцијата, оценуваат од Институтот за европска политика.

„Во извештајот оваа година, најслаба е борбата против корупцијата. Земјата е оценета дека нема напредок во борбата против корупцијата. Ова е загрижувачки, оти со новата методологија, корупцијата е основен критериум што континуирано се оценува во преговарачкиот процес“, изјави Симонида Кацарска од Институтот за европска политика.

Според експертите, она што беше изнесено во овој извештај е загриженоста за немање доволна координација за преговарачкиот процес, што може негативно да се одрази на преговорите.

Европската комисија во најновиот извештај за Македонија најдобра оценка дава за целосната усогласеност со европската надворешна и одбранбена политика.

Со оваа брзина не можеме да ги забрзаме реформите за да ги завршиме преговорите до 2027-ма, 2028-ма година. За постигнување на оваа цел би требало многу повеќе да се зголеми подготвеноста.

Ирина Гелевска