Малезиски авион

Холандија тагува по 193-цата свои државјани

20.07.2014 17:54

Тие сметаат дека Русија е виновна за соборениот боинг. На насловните страници во холандските весници, преовладува ист наслов„Убијци“.

Холандија тагува по 193-цата свои државјани, патници во Малезискиот Боинг кои загинаа во најужасната авионска несреќа што се памети во оваа земја. Меѓу загинатите е и едно шестчлено семејство, пред чиј дом расте гневот на холанѓаните додека редици сограѓани полагаат цвеќиња. Тие сметаат дека Русија е виновна за соборениот боинг. На насловните страници во холандските весници, преовладува ист наслов„Убијци“. 

„Насилството предизвикува насилство, така е тоа. Тоа е моето мислење“.

„Сега веќе ништо не може да се направи, бидејќи веќе се случи. Никој не знае зошто се случило и на кој начин“, изјавија жители на Холандија.

На местото на несреќата,во украинско Грабово, кадешто на 10-на квадратни километри се расфрлени остатоците на патничкиот авион, тим од меѓународни набљудувачи велат дека вооружените  про-руски бунтовници им го ограничуваат пристапот на терен. Бунтовниците стрелаат во воздух, велат од ОБСЕ.  За објективна истрага е потребен меѓународен тим експерти, оцени канцеларката Ангела Меркел која повторно побара од претседателот Владимир Путин да изврши притисок врз бунтовниците. Двајцата челници се согласиле дека меѓународната независна истрага предводена од Меѓународната организација за цивилно воздухопловство ќе ги утврди вистинските причини за соборувањето на авионот.

Американскиот претседател Барак Обама не отстапува од веќе изјавеното, леталото е соборено со ракета земја-воздух од областа која е под контрола на проруските сепаратисти во Украина. Тој порача дека Киев, Москва и сепаратистите мора да се придржуваат до прекин на огнот и да не се мешаат во истрагата за случајот.

И додека Западот и Истокот се судираат околу вистинските причини за падот на авионот, во Луганск, Доњецки регион, продолжува Украинската офанзива. Гинат војници, бунтовници,но и цивили со што се усложнува квалитетната истрага за соборениот малезиски боинг.

Јасмина Никова