Нов случај на птичји грип во скопско Злокуќани
Нов случај на птичји грип пронајден кај гуска во скопско Злокуќани, потврди Агенцијата за храна и ветеринарство. Се прават анализи и кај останатите птици кои биле во контакт со заразената гуска. Дел од советниците од Град Скопје побараа да не се внесуваат животни во зоолошката градина, но иницијативата не помина…

Нов случај на присуство на вирусот птичји грип кај угината дива гуска во комплексот „Свети Јован“ во Злокуќани. Од Агенцијата за храна и ветеринарство информираа дека било направено и лабораториско тестирање на две живи птици кои биле негативни на вирусот, а се преземаат мерки за заловување на другите птици во комплексот кај кои ќе се вршат анализи.
„АХВ донесе решение за прогласување на болеста и нареди спроведување на заштитни и контролни мерки, со цел спречување на ширење и сузбивање на оваа зооноза – убивање и нештетно отстранување на затекнати диви птици на локацијата, освен птиците кои се чуваат во затворен простор и од кои се земаат мостри за лабораториско тестирање за утврдување на присуство на птичји грип. Наредено е спроведување на дезинфекција на одгледувалиштето, забрането е движење на живина и други птици во и од одгледувалиштето без одобрение на официјален ветеринар“, се наведува во соопштението на АХВ.
Минатата недела во Зоолошката градина, исто така беше потврден птичји грип кај една од птиците, за да не се прошири вирусот екипите на Агенцијата за храна и ветеринарство убија 36 птици. Откако појавата на птичји грип ја затвори Зоолошката, дел од советниците од Градот Скопје побараа забрана за внесување нови животни, но на седница се отфрли иницијативата. Мнозинството советници сметаа дека неместо клуч, потребно е подобрување на условите во Зоолошката.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство донесоа решение и за воведување заштитни мерки во однос на болеста син јазик кај говеда, овци и кози на целата територија на земјава, по лабораториска потврда на присуство на болеста во две одгледувачници во Демир Капија.
Ана Јосифоска
