САД

Последни денови пред изборите на 5-ти ноември

01.11.2024 08:12

Трамп и Харис ги водат последните часови од кампањата во битка за неопределени гласови...

Трамп и Харис ги водат последните часови од кампањата во битка за неопределени гласови. Се организираат последните митинзи пред Американците да излезат на гласање на 5-ти ноември за новиот шеф на Белата куќа. Двајцата ривали се упатија кон западот на земјата во Невада-уште една колеблива дестинација на изборната мапа. Меѓусебните обвинувања и вперувањето прст еден кон друг продолжија во надеж дека ќе ја обезбедат довербата кај гласачите.

„Во вторник треба да станеш и да и кажеш на Камала дека ти е доста. Таа е ужасна, најлошата што постои. Денот кога ќе ја преземам функцијата, завршува мигрантската инвазија и започнува обновувањето на нашата земја“, изјави Доналд Трамп, републикански кандидат за претседател на САД.

„Доколку биде избран Трамп, на првиот ден ќе влезе во таа канцеларија со список на непријатели. Кога ќе бидам избрана јас, ќе влезам со список задачи во ваше име. И на врвот на мојата листа ќе биде намалувањето на вашите животни трошоци“, изјави Камала Харис, демократски кандидат за претседател на САД.

Додека кандидати се борат на западот, анкетата на Вашингтон пост за Мичиген покажува мртва трка – се предвидува дека за Харис ќе гласаат 47 насто, а за Трамп еден процент помалку.