Средба со хрватските поети Лана Деркач и Давор Шалат

Запознавањето на другите култури ги брише сите граници и стравови

01.11.2024 09:00

„Маѓепсани сме од јазикот и од вашата музика која е најубава на светот. Патувањата многу не збогатуват и се вечна инспирација за нашата поезија. Во Македонија интересни ни се сите историски периоди кои оставиле трага во уметноста“- велат хрватските поети Лана Деркач и Давод Шалат...

Македонија видена низ очите на поетите од Хрватска Лана Деркач и Давор Шалат изгледа уште поубаво и помистично од што можеме да замислиме. Слушајќи ги како ја истражуваат и доживуваат Македонија, повторно се вљубуваме и ги откриваме вредностите на нашата татковина, кои понекогаш обземени од брзото секојдневие не успееме да ги видиме.

Лана Деркач е  пред се поетеса, но пишува и поезија, драми и есеи.  Таа е авторка на петнаесетина книги поезија а нејзиното творештво е преведено на дваесет и два јазика.

Првенствено познат како поет и книжевен критичар, Давор Шалат е и потврден книжевник, новинар и преведувач. Докторирал на младата хрватска поезија, а воедно преведува од шпански јазик.

Во интервјуто кое екипата на МТВ имаше можност да го направи со хрватските поети-учесници на последното 63-то издание на Струшките вечери на поезијата, имавме можност да погледнеме низ нивната уметничка призма и  да поразговараме за бројни искуства како чести посетители на поетските фестивали низ светот.

- Кога за првпат ја посетивте Македонија и како ја доживеавте ова земја?

Л.Д. - Првпат во Македонија бев со родителите како дете,  во 2003-та година се вратив за СВП, тогаш за првпат учествував на фестивалот. Потоа, уште многу пати доаѓав поради книжевни и туристички причини.

Д.Ш. - Јас за првпат во Македонија дојдов со мојата сопруга Лана во 2007-ма или во 2008-ма година, бевме учесници на фестивалот „Караманови средби“ во Радовиш. Тогаш за првпат ја почувствував Македонија и ги видов

нејзините убавини, за подоцна многупати да се враќаме. Најчесто доаѓавме од туристички причини, но, еве, сега сме гости на СВП и тоа ни е особено драго.

Како изгледа животот на двајца писатели, на двајца творци? Кои се предностите и негативностите кога во бракот двајцата сопружници имаат иста професија?

Л.Д.- Кога се омажив за поет се плашев дека неговата инспирација ќе ја закочи мојата и дека ќе престанам да пишувам. Но, тоа не се случи. Многу ни помага тоа што пред да ги објавиме, взаемно ги читаме нашите книжевни текстови и се советуваме околу евентуални исправки.

Д.Ш. - Мене тоа не ми печи,туку, напротив, професионално и поетски многу ми помага. Имаме многу заеднички теми и пријатели, се движиме во исто книжевно миље, а од друга страна многу си помагаме читајќи ги текстовите еден на друг. Така, нашите текстови созреваат и стануваат подобри. На почетокот во поголема мера бев критичар, па, на поезијата на Лана гледав повеќе од тој критичарски  аспект, така што, тоа не ми пречеше, напротив, ме интересираше. Сега, некако, потесно соработуваме во поезијата.

- Многу патувате и приватно и професионално, сте имале можност да присуствувате на бројни поетски фестивали. Што значат патувањата за вас, што значи за уметникот кога„ освојува“ една нова култура? Колкаво е значењето на патувањата за проширување на свеста?

Л.Д- Сметам дека патувањата се многу важни, се зближуваме со другите култури и ги запознаваме.  Дружењето со другите култури ги брише сите граници и стравови кои произлегуаав од недоволното познавање. Од друга страна, патувањата се одразуваат и на пишувањето и во моите текстови наоѓам детали од тие искуства.

Имав можност да учествувам на бројни книжевни  фестивали во светот, како што се  поетските фестивали во Стокхолм, во Брисел, „Меѓународниот фестивал“ во Никарагва, на „Саемот на книгата“ во Мексико. Бевме заедно и во Мароко, во Индија и во многу други земји.

Д.Ш. - Ние бевме во неколку цивилизациски кругови кои се различни и тоа ни беше најинтересно. Од една страна, бевме во многу европски држави кои секоја за себе се посебни. Од друга страна, посетивме и во некои исламски земји, како Тунис и Мароко и тоа ни беше особено интересно. Навистина, таму видовме прекрасни архитектонски споменици. Тие земји се на северот на Африка, тоа е друго поднебје и една поинаква атмосфера. Многу ни беше интересно и во Латинска Америка, во земјите од шпанското говорно подрачје каде што сретнавме една поинаква култура која е мешавина на европските доселеници и домородното население.  Таму најдовме неверојатно културно богатство, мешавина на културите. Тоа многу не збогати и ќе биде вечна инспирација за поезијата.

Исто така , учествував на бројни меѓународни поетски фестивали во разни држави, често заедно со сопругата Лана. Би ја издвоил посетата на еден од најголемите книжевни сами во светот во Мексико.

Л.Д. -Јас би ја додала и Македонија, тука не маѓепсува јазикот. Музиката, која е најубава на светот, како и македонскиот јазик. Од друга страна, таа музика во себе има некоја чудесна меланхолија.

Д.Ш. - Можам да додадам дека од раната младост сум поклоник на македонската музика, посебно на „Леб и сол“. Неколку пати бев на нивни концерти во Загреб. Посебно ми се допаѓа комбинацијата на фолклорот и таа висока музичка образованост и софистицираност.

Л.Д. - Мене ми е омилена  групата „Анастасија“.

Кои места досега успеавте да ги посетите во Македонија и што ви остави впечаток?

Л.Д. - Посетивме многу места во Македонија, на север Куманово и Кратово, па, се до Охридското Езеро, потоа бевме во Крушево, во Прилеп,  во Тетово и на многу други места. Интересни ни се сите историски периоди кои оставиле трага во уметноста.

Д.Ш. - Мене најмногу ми се допаѓа Охридското Езеро. Градот Охрид и се околу него е прекрасно. Посебен впечаток ми остави манастирот „Св. Јован Бигорски“, прекрасен манастир. Убави ми се и Скопје и Кратово и тој дел на Македонија. Имаме намера да посетиме уште некои градови и места каде што се уште не сме биле.

Какви се вашите впечатоци од 63-то издание на СВП? Според вас, какво е значењето на овој фестивал во светот и што значи за еден поет можноста да присуствува на него?

Л.Д. - Голема работа е да се учествува на фестивал кој има углед во целиот светот. На  пример, во Куала Лумпур на „Светското читање поезија“ во поканата наведоа дека нивен урнек е фестивалот во Струга.

Д.Ш. - Навистина ми е голема чест, за првпат учествувам на СВП. Еден фестивал, или една награда се вредни онолку колку што се вредни неговите лауреати. Неколку добитници на наградата на СВП подоцна добиле и „Нобелова награда“. Се покажува дека СВП се еден од најзначајните поетски фестивали на светот. Голема работа е да се биде присутен на овој фестивал.

 

Билјана Жеревска