Европа

Расте бројот на загинати во поплавите во Шпанија

01.11.2024 12:20

Бројот на исчезнати и натаму не е утврден, спасувачките напори продолжуваат. Помошта по копно, море и од воздух се зајакнува, а уште 500 војници од единицата за итни случаи се приклучија на терен...

Расте црниот биланс на жртви во поплавите во Шпанија. Бројот на исчезнати и натаму не е утврден, спасувачките напори продолжуваат. Помошта по копно, море и од воздух се зајакнува, а уште 500 војници од единицата за итни случаи се приклучија на терен. Се обновуваат услугите за вода и струја. Уапсени се речиси 40 лица поради грабежи наспроти недостигот од храна.

„Безбедноста на населението ни е најважна. Ги ставивме на располагање сите владини ресурси за отворање на општинските патишта и автопатишта за да се обезбедат потребните продукти и нивна дистрибуција“, изјави Анхел Виктор Торез, министер за територијална политика на Шпанија.

Опасноста од бурата „Дана“ сè уште постои, велат властите и апелираат на будност. Регионот на Каталонија и натаму е во портокалова фаза поради најави за нови врнежи дожд. Експертите тврдат дека климатските промени предизвикани од човекот ги прават врнежите како во Шпанија за околу 12 насто пообилни, а интензитетот на бурите удвоен. Алармираат дека временските катастрофи ќе станат се понеизбежни со растот на глобалното затоплување на планетата.

„Најефикасните работи што можеме да ги направиме во моментот додека долгорочно се обидуваме да ги промениме работите со затоплувањето, е да ги проучуваме границите на екстремните природни катастрофи што може да случат во оваа променета клима, која ќе ја зголеми свеста за последиците“, изјави Ендрју Винтерс, професор-асистент на Универзитет во Колорадо „Болдер“.

На југоистокот од Шпанија за 8 часа падна толкаво количество дожд колку што би наврнало во просек за една година во овој регион.

„Проценивме дека слични настани на овој стануваат двојно поверојатни да се случат во однос на прединдустријализацијата кога климата беше за 1,3 степени поладна. Слушнав луѓе кои велат дека ова е новото нормалноНо, имајќи предвид дека сме на пат за затоплување од 2,6 степени, ние сме само на пола пат до новата нормала, и настаните како овој, ќе станат поекстремни и почести како што светот продолжува да се загрева“, вели Клер Барнс, експерт од „Ворлд Ведр Атрибушн“.

За среќа, Арагон го избегна сценариото што го доживеаа Валенсија и Андалузија. Римската брана изградена пред 2 илјади години и нејзината скалеста структура, не дозволи излевање на водата и успеа да ја спаси Сарагоса од катастрофа.

Бојана Крстевски