Надлежните смируваат, нема опасност од птичји грип
Новиот случај на птичји грип во земјава повторно ги разбуди стравовите. И по многуте стручни објаснувања дека тешко се пренесува од живина на човек, граѓаните во неизвесност. Место за паника нема, но мора да се биде внимателен...

Уште две украсни птици во комплексот „Свети Јован“ во скопско Злокуќани ќе бидат изолирани и тестирани од птичји грип, откако болеста лабораториски беше потврдена кај една угината дива птица. Не постои сериозна опасност за ширење на вирусот – велат од Агенцијата за храна и ветеринарство. Станува збор за затворен комплекс каде по потврдувањето на вирусот се преземени сите мерки за заштита.
„Апелираме до граѓаните доколку најдат угината дива птица, но од водните видови како што се патки, гуски и слично за тоа да ја информираат Агенцијата за храна и ветеринарство или ветеринарните друштва. Доколку станува збор за други видови птици и за изолирани угинувања да се обратат кај Јавните комунални претпријатија за нештетно отстранување на лешевите“, изјави Оливер Миланов, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Птиците преселници се резервоар на болеста и тие најчесто го шират вирусот. Можат да заболат и луѓето, доколку ако имаат контакт со заразена птица. Вирусот може да биде вдишан преку капки или прашина во воздухот, затоа најмногу под ризик се луѓето кои работат со живина.
„Во случај да се дојде во контакт со лешот или материјали од фецес од заболеното животно постои ризик за инфекција кај луѓето. За ширење од човек на човек тоа е исклучително ретко. Единствено во случај кога станува збор за појава на болест во фарми каде имаме огромна бројка на живина на мал простор, каде имаме услови самиот вирус во исушената материја се пренесе преку воздухот или преку аеросоли преку искашлување од болната живина тогаш ризикот е многу поголем“, изјави д-р Игор Џаџовски – Факултет за ветеринарна медицина – Скопје.
Не постои ризик од заразување од месо и јајца од заразена живина ако тие добро термички се обработат.
Пред две недели во Скопската зоолошката градина беше потврден птичји грип кај една од птиците, за да не се прошири вирусот екипите на Агенцијата за храна и ветеринарство усмртија 36 птици.
Андријана Ѓурческа
