кибер-безбедност

Хакирањето на неколку интернет-страници и дата-бази на државни институции ја подвлекоа потребата од превенција

01.11.2024 16:40

Хакирањето на неколку интернет-страници и дата-бази на државни институции ја подвлекоа потребата од превенција. Владата ја изработи Националната стратегија за кибер-безбедност за наредните 4 години која ќе се темели на 5 столба. Министерот за дигитална трансформација Андоновски, најави формирање на нов сектор за кибер-безбедност и една точка за пријавување и управување со кибер-закани. Во документот посебен дел посветен на заштита и обука и на најмладите од ваквите закани …

Учествувајте во наградна игра, доставете фотографија од лична карта, број на трансакциска сметка и фотографија на бела позадина. Ваквите фишинг-пораки, секојдневно ги ловат граѓаните. Целта е преку СМС да собираат лични податоци најчесто злоупотребувајќи имиња на банки, јавни институции и на големите трговци. Секторот за компјутерски криминал при МВР регистрира зголемен број злоупотреби. Мета на овие смс-измами биле и министерот за внатрешни Тошковски и директорот на Бирото за јавна безбедност каде некој лажно се претставувал во нивно име.

„До Министерството за внатрешни работи, секторот за компјутерски криминал се пристигнати повеќе пријави односно барања за информации во однос на тоа кое е значењето на самиот лажен документ кој пристига на нивните електронски пошти. Што се однесува на добиени пријави или барање за информации во 2024 година од овој тип се пристигнати повеќе од 10 пријави и, исто така, напоменуваме дека досега не се пристигнати информации за оштетени граѓани од овој тип на измами“, соопштуваат од МВР.

Во земјава нема анализа за кибер-нападите и проценети ризици, нема механизам ниту за известување на вакви случаи, рече министерот Андоновски. Тврди дека ваквата состојба треба да биде надмината со новата стратегија за кибер-безбедност која конкретно дефинира која институција какви задолженија ќе има. Најави формирање нов сектор за безбедност на интернет и формирање регионален центар за извонредност за справување со хибридни закани.

Пред две години хакирано беше Министерството за земјоделство, системот беше со месеци паднат, a упад имаше и во Министерството за образование.

Во изминатите години, жртви на кибер-напади беа АЕК, Фондот за здравство, ДИК, Бирото за јавни набавки, како и страниците на Владата и на Собранието.

 

Викторија Милевска