Финансии

Димитриеска-Кочоска: Со Предлог-буџетот за 2025 година капиталните расходи се реални инвестиции

01.11.2024 20:31

Споделувајќи податоци за реализација на капиталните инвестиции во претходните години, рече дека тие не изнесувале реално повеќе од 15 милијарди денари, бидејќи трансферите се прикажувале како капитални расходи...

Предлог-буџетот за 2025 година, којшто денеска треба да биде доставен до Собранието, содржи нови промени во планирањето и реализацијата на капиталните расходи. Тие се планирани на 50,6 милијарди денари, коишто значат средства за проекти, а не за трансфери со кои се покриваат други трошоци. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска на средба со новинарите.

„Со Предлог-буџетот за 2025 година се проектирани 50,6 милијарди денари за капитални инвестиции. Покрај проектите поврзани со коридорите 8 и 10д, и проектите на општините, приоритет се и проектите за финансирање на енергетска ефикасност, за олеснување на трговија и транспортот во Западен Балкан, за администрирање на социјалното осигурување, за модернизација на земјоделството, регионален проект за отпад, за подобрување на водна инфраструктура, реконструкција на казнено-поправни установи и слично. Исто така во образование се планирани, покрај реконструкција на студентските домови, и доизградба на училишта и спортски сали, за кои се преговара“, рече министерката Димитриеска-Кочоска.

Споделувајќи податоци за реализација на капиталните инвестиции во претходните години, рече дека тие не изнесувале реално повеќе од 15 милијарди денари, бидејќи трансферите се прикажувале како капитални расходи, а дополнително имало и слаба реализација на проектите коишто биле планирани. Тоа, како што додаде, резултираше со ниски стапки на раст во минатото.

Наведе дека со Предлог-буџетот дефицит е планиран на ниво од 4% од БДП, дека се планирани повеќе средства за исплата на плати, пензии, здравствена заштита, социјални надоместоци и слично.

Таа информираше дека со деловните банки во тек се разговори за пласирање на планираните 250 милиони евра од унгарскиот заем поволни средства кон компаниите и дека делот за висината на камата е затворен, односно таа ќе биде на 3,25%. Продолжуваат разговорите во утврдување на условите за рокот на отплата.