Ракомет – СП Катар 2015

Група за мерак!

20.07.2014 22:32

Нашите ракометари ќе играат во Групата Б против шампионот од 2003-та Хрватска, двајцата дебитанти Босна и Херцеговина и Иран кој е бронзен од азиското првенство...

Ако сонот е пласман на Олимписките игри во Рио де Жаниро во 2016-та, тогаш извлекувањето на групите за Светското ракометно првенство во Катар наредната година е добар предзнак за Македонија. На мундијалите нема лесни противници, но македонската репрезентација доби група во којашто може да конкурира и за второто место. Нашите ракометари ќе играат во Групата Б против шампионот од 2003-та Хрватска, двајцата дебитанти Босна и Херцеговина и Иран кој е бронзен од азиското првенство, потоа Австрија која во модерниот ракомет е без значаен успех иако има мундијалско сребро од пред 76 години, како и против второрангираната африканска селекција, Тунис.

Со евентуален пласман во осминафиналето, за коешто е потребно да се освои едно од првите четири места, Македонија би вкрстила со некоја од репрезентациите во Групата А, светскиот првак Шпанија, Словенија, Катар, Белорусија, Бразил или Чиле.

Во сегменторт Ц се Франција, Шведска, Алжир, Чешка, Египет и Обединети Арапски Емирати, додека Групата Д ја сочинуваат Данска, Полска, Русија, Аргентина, Бахреин и Германија. 24-от Светски шампионат ќе се одигра од 15 јануари до 1 февруари во четири сали, но во два града во Катар, во Доха и во Лусаил.