Со стартот на грејната сезона Охрид се гуши во загаден воздух
Со стартот на грејната сезона и Охрид се гуши во загаден воздух. Причините-енергетската сиромаштија, голем број домаќинства се греат на дрва, но и претераната урбанизација и намалувањето на зелената инфраструктура …

И охриѓани дишат загаден воздух. Со стартот на грејната сезона градот се соочува со лош квалитет на воздухот. Мерните станици покажуваат просечно, но во ноќните часови и енормно загадување.
Главната причина е енергетската сиромаштија. Поголемиот број домаќинства се греат на дрва, тоа им е најекономично.
„Да ви кажам право имаме дрва. За нас одговара поради тоа што готвиме“.
„На дрва, за мене е најекономично моментално према објектот“.
„На дрва, најубаво ми е, ни воздух ми суши и економично“.
„Скапа е струјата сиромашен народ сме ние“.
Според научната фела градот се гуши и поради претераната урбанизација и намалувањето на зелената инфраструктура на крајбрежјето. Висококатниците на брегот ја намалуваат циркулацијата на воздухот и ветровите.
„Самиот град со оваа динамика јасно е дека се задушува, ние не претендираме на тоа градот да стане метропола, туку да биде едно пријатно туристичко катче кое на оптимален начин ќе може да ги прифати туристите“, вели професорот Науме Мариноски.
Општината изработи План за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух, според градоначалникот решението е гасификација.
„Дефинитивно најголемиот загадувач е огревното дрво врз основа на она што го кажуваат експертите, (сечи лепи) кога веќе е детектиран најголемиот загадувач е можеби она што во иднина треба да претставува дотокот на гас односно гасификацијата“, вели Кирил Пецаков градоначалник на општина Охрид.
За разлика од минатото,Охрид последниве неколку години високо котира на листата најзагадени градови во земјава.
Соња Рилковска
