Ден на жалост во Србија, меѓу загинатите и македонски државјанин
Македонски државјанин на возраст од 45 години меѓу загинатите во страшната несреќа која се случи на железничката станица во Нови Сад. Тридневна жалост во Србија, претседателот Вучиќ побара од надлежните институции веднаш да се изведат виновниците пред судот. Обвинителството почна постапка за утврдување вина, се сослушуваат 20-тина лица,почнувајќи од надлежното министерство...
Идентификувани се 13 лица, а поради тежината на повредите не може да се идентификува уште една женска особа. Меѓу загинатите се две деца родени 2014 и 2018 година, фудбалер со неговата девојка, претежно млади лица.
Од Универзитетскиот клинички центар во Војводина потврдија дека нема нови жртви, а тројцата повредени се во тешка општа состојба. Меѓу нив се две жени на возраст од 23 и 21 година, кои неколку часа по уривањето на конструкцијата беа извлечени од под урнатините и 18-годишно момче на кое му беше ампутирана ногата.
Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека сите што биле под настрешницата загинале, и дека смртта настапила веднаш поради тежината на блоковите. Тој изјави дека уште денес ќе почне утврдување на одговорност за несреќата.
„Обвинителството го прави сето тоа, ќе бидат сослушани дваесетина лица, почнувајќи од врвот, од ресорното министерство, јавното железничко претпријатие, документацијата која се однесува на самата зграда, за тоа кој носел одлуки, никој нема да биде изземен“, изјави Ивица Дачиќ, министер за внатрешни работи на Р. Србија.
Тој додаде дека и министерот за градежништво Горан Весиќ ќе даде исказ пред полицијата, како и директорот на железницата, и сите останати. Претседателот Александар Вучиќ вчера побара политичка и кривична одговорност за несреќата.
Во Нови Сад каде е прогласена тридневна жалост и во другите градови на Србија уште од синоќа се палат свеќи за жртвите од несреќата.
Оливер Бранковиќ