Блиски Исток

Во Газа се шират заразни болести, побарувачката за лекови расте

02.11.2024 14:10

Во Газа се шират заразни болести, побарувачката за лекови расте, но испораките се одложени. Меѓународните организации предупредуваат за влошена состојба во северниот дел на окупираната палестинска територија. Хамас потврди дека е убиен уште еден нивен лидер. Продолжуваат нападите и во Либан. Хезболах возвраќа врз израелски градови …

Повеќе од една година по војната што го зафати Блискиот Исток, израелските трупи сè уште се борат против Хамас во разурнатиот Појас Газа. Милитантите ја потврдија смртта на уште еден висок функционер, во воздушен напад во Кан Јунис. Тел Авив тврди дека Хамас е прегрупиран и инфилтриран меѓу цивилното население во бегалските кампови.

„Го напуштивме кампот Џабалија во западната област Газа. Нема безбедно место. Заминавме под бомбардирање, а местото овде е непогодно за живеење. Нема помош, храна или вода. Ситуацијата е многу тешка и трагична“, изјави раселено лице.

„Луѓето се исцрпени, умреа од глад, нема храна, нема засолниште, нема вода. Од вчера вечерта се координиравме да добиеме камион за вода за луѓето. Ситуацијата е многу лоша“, изјави друго раселено лице.

„Немаме ништо. Цела ноќ спиеме на подот. Мојата мала ќерка има еден месец“, додаде друго раселено лице.

Истекува рокот што САД му го поставија на Израел да ја подобри хуманитарната ситуација, во спротивно континуираните испораки на американско оружје ќе бидат запрени. Жителите на енклавата стравуваат за својот живот, откако Кнесетот усвои закон за забрана на Агенцијата за палестински бегалци. УНРВА тврди дека заразни болести се шират, побарувачката за лекови расте, а испораките се одложени.

„Во моментов, дневно имаме околу 16.000 медицински консултации. Бараме од донаторите континуирана поддршка во УНРВА за да се обезбеди испорака на здравствени услуги до сиромашните луѓе во Газа“, изјави Заир ал-Кхатиеб, шеф за превенција на болести, УНРВА Газа.

Израелската војска дејствува и во јужен Либан, не запира битката против Хезболах. Милитантите возвраќаат и тврдат дека нападнале израелска разузнавачка база.

„Инцидентот не е шега, ова е застрашувачко. Ги повикувам сите лидери во арапскиот свет и лидерите во Израел и до сите што можат да помогнат да се стави крај на оваа војна, доволно е“, изјави жител на израелскиот град Тира.

Затишје во преговорите за можното примирје на Блискиот Исток, но продолжува жестоката реторика меѓу Израел и Иран. Врховниот ирански лидер им се закани на Израел и САД со „скротувачки одговор“ поради неодамнешните напади.

„Непријателите, било да е тоа ционистичкиот режим или Соединетите Американски Држави, дефинитивно ќе добијат одговор во замена за она што го прават против иранската нација и фронтот на отпорот“, изјави Ајатолахот Али Хамнеи, врховен лидер на Иран.

Пентагон најави ново распоредување на оружје и војска на Блискиот Исток во текот на следните месеци за одбрана на Израел и како предупредување за Иран.

 

Маријана Димовска