инфраструктура

Македонија не отстапува од железничкото поврзување

02.11.2024 14:48

Македонската страна задоволна од постигнатиот првичен договор со Бугарија и делегацијата на Европската унија. Еден изведувач ќе го гради тунелот кај Деве Баир. Ќе се ревидира и проектот, бидејќи сегашната цена е превисока. Но она што е клучно нема да се гради тунел кој ќе има само влез, а не и излез …

Продолжуваат активностите на двете делници за изградбата на железничката пруга на Коридорот 8. Градежните работи се во нормален тек од Куманово до Бељаковце, но и вториот дел од Бељаковце кон Крива Паланка, информираат од Железници Инфраструктура. Првиот човек на претпријатието укажува дека Македонија не отстапува од железничкото поврзување. Тој изрази задоволство од постигнатиот договор со Бугарија и Европската унија, тунелот којшто се наоѓа на Деве Баир, да го гради еден изведувач. Македонската страна е задоволна што се прифатени дел од барањата. Преговорите продолжуваат, ќе се ревидира самиот проект (делница Крива Паланка-Деве Баир), финансирањето, бидејќи сегашната цена е превисока. Ќе се формираат и работни групи со претставници од двете земји, со цел да се подготви потребната документација за тунелот.

„Сметаме дека цените коишто ќе се добиени во моментот, од фазата којшто не успеа се многу високи, и скоро 24 милиони евра по еден километар е висока цена. Не сакаме да продолжиме да потрошиме граѓански пари за проект којшто завршува во тунел, само со влез, без излез и тоа е нашата црвена линија и добро е што имаме поместување напред“, истакна директорот на Железници Инфраструктура, Ивановски.

Граѓаните со поделени мислења. Малкумина очекуваат дека проектот којшто е значаен за трговската размена, некогаш ќе се реализира.

На изградбата на пругата кон Бугарија се гледа како регионален проект, со кој се потенцира развојот на европските транспортни мрежи.

На една од делниците во кумановско жителите на Шупли Камен неодамна одржаа мирен простор. Тие изразија незадоволство бидејќи тврдеа дека се блокирани привремените премини. Од Железници пак одговорија дека прифатиле дел од барањата, и жителите можат непречено да се движат бидејќи на неполни 500 метри имало безбеден премин.

 

Елена Георгиевска