АХВ

Вонредни контроли во старечки домови

02.11.2024 17:50

Старски домови низ Македонија работеле без дозвола за храна, во нехигиенски и несоодветни услови, констатирале инспектори во вонредна контрола. Но, не добија клуч на врата туку заработија само парична казна. Месечно старите лица за престој во старечки дом ги чини од 22 илјади во државните а над 40 илјади денари до приватните домови …

Нехигиенски услови, храна која не е безбедна и со сомнително потекло. Сево ова ги чини старите лица околу 22 илјади во државните и над 40 илјади денари во приватните домови, а се само дел од нерегуларностите кои ги затекнале на терен инспекторите во вонреден надзор минатата недела во 41 дом за стари лица. Клуч на врата засега нема за ниту еден старечки дом, управителите заработиле само парични казни. 18 од нив немале дозвола за оператори со храна, а 14 пак давале храна, а немале дозвола за истото.

„Издадени се 16 решенија со наредби за отстранување на утврдени недоследности, од кои кај четири оператори за незадоволителни хигиенски барања, а кај три оператори е утврдено дека вработените немале спроведено задолжителен здравствен преглед. Од пет оператори се запленети и уништени 40 килограми небезбедна храна“, изјави Оливер Миланов, директор на Агенција за храна и ветеринарство.

Државните домови за стари лица се преполни, на листа за чекање се 250 граѓани. Низ цела земја има пет државни дома за сместување на стари лица и нивниот капацитет е околу 600 легла. Од Министерството за социјална политика велат дека работат на зголемување на капацитетите на домовите за стари лица низ цела држава.

„Во тек е реконструкција и адаптација на деловен објект, број 4 во ЈОУ дом за стари лица „д-р Иван Влашки“ – Берово, со капацитет – 28 корисници; – адаптација и пренамена на јужно крило на здравствен дом „Нада Михајлова“ во Дом за стари лица, Пробиштип, со капацитет – 54 лица. Во фаза на комплетирање на документација се проектите за: – реконструкција, адаптација и пренамена на ученички дом „Боро Менков“ во Јавна општинска установа за вонсемејна заштита за стари лица, Крива Паланка, со капацитет – 20 лица – изградба на Јавна општинска установа за вонсемејна заштита за стари лица, Кавадарци, со капацитет – 67 лица“, велат од Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Во моментов, според податоците на Министерството за социјална политика од 42 приватни дома, 29 работат со лиценца.

Цените во приватните домови се речиси тројно повисоки од оние во државните и се движат од 40.000 денари па нагоре. Нив можат да си ги дозволат само оние со високи пензии.

 

Ана Јосифоска