Анализа за извештајот на ЕК

По извештајот на Европската комисија, потребни се реформи во судството - смета правната фела

02.11.2024 16:17

Правосудниот систем, криминалот и корупцијата се ресорите каде Македонија бележи најмалку напредок според извештајот на Европската комисија. Премиерот веќе најави дека во следниот период ќе има реформи во правосудниот систем. Според правната фела, за да има промена во овие сектори треба да се почне со индивидуална одговорност, а донесените закони да се почитуваат …

Реформите треба да почнат токму од судството бидејќи системот е крахиран и не функционира, смета адвокатот Тони Менкиноски, откако Европската комисија и даде најслаба оценка на Македонија во Европскиот извештај за правосудството, корупцијата и криминалот. Менкиновски смета дека не е потребен ветинг туку мерит систем и поединечна одговорност кај судиите и обвинителите. Тој е убеден дека има експерти кои би работеле на најавените реформи во правосудниот систем, а кои нема да се случат преку ноќ.

Втората алка која не покажа напредок во системот е борбата против корупцијата. Нештата би се подобриле доколку се следат и имплементираат законите, и се зајакнат капацитетите меѓу институциите, вели Дарко Аврамовски од „Коалицијата сите за правично судење“. Според него, еден од проблемите се и контроверзните измени во Кривичниот законик. Но за сето ова да се случи, според Аврамовски мора да се има волја кај сите чинители во општеството.

Премиерот Мицкоски за идната недела најави дека ќе отпочнат разговорите за реформите во Судскиот совет. Европската комисија во последниот извештај за Македонија пак, нотираше дека судскиот систем е умерено подготвен и ограничено напредува, а планот за укинување на Судскиот совет и Советот на обвинители го оценија како загриженост со образложение дека со тоа се поткопува независноста на судството. Дел од препораките се и усвојување на нов Кривичен законик во согласност со меѓународните стандарди и со европското законодавство.

Министерството за правда го изготви новиот Кривичен законик и тој е испратен на мислење во Европската комисија.

 

Викторија Милевска