Македонија

Македонскиот државјанин Васко Саздовски, меѓу загинатите во несреќата на железничката станица во Нови Сад

02.11.2024 16:52

45-годишниот македонски државјанин, Васко Саздовски кој загина во страшната несреќа на железничката станица бил професор кој предавал на водечка европска институција за роботика во Нови Сад, како искусен научник. Саздовски секој викенд го поминувал дома со неговата сопруга и деца. А се упатил кон Македонија и кобниот петок...

Васко Саздовски на тој кобен ден како и секогаш се подготвувал да замине за викендот да ја посети сопругата и малите синови во Македонија, но паѓањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад била фатална за него.

Од МНР за МТВ, велат дека преку македонската амбасада во Белград, остануваат во директна комуникација со српските власти, а од македонската амбасада се во редовна комуникација со семејството на починатиот за транспортирање на неговото тело во Македонија.

Васко, работел на новосадскиот институт нешто повеќе од една година, а речиси секој викенд го минувал во Македонија, со семејството. Голема трагедија за семејството, а Македонија загуби еден врвен научник по роботика, напиша во коментарот универзитетскиот професор Рубин Земон, кој порано работел со него на охридскиот универзитет „Св. Апостол Павле“.

За Васко негови блиски велат дека бил човек кој Македонија не знаеше да го почитува и препознае неговото знаење, па затоа заминал во Нови Сад да работи како професор во Институт за роботика. По потекло бил од Свети Николе, но со сопругата и двете деца живеел во Скопје.

Сите требаше да имаме слушнато дека Македонија го има Васко Саздовски, доктор на науки, кој заврши на универзитетот Кренфилд. После одличните резултати на академија грабаше напред, се бореше, учеше, се надградуваше и достигнуваше. Велат за него пријателите.

Зад Васко остана неговиот изум робот за берба на лаванда, остана да сведочи за она што тој го правеше, вели во емотивната објава новинарката Христина Антеска Јованчева.

Ќе биде запаметен како врвен научник со достигнувања од светски рамки, прекрасен колега и пријател, вљубеник во природата. Голема загуба за сите нас, стои во објавата на Александар Стојчев.

За помош на семејството на трагично загинатиот, најавија од Владата и од Општина Куманово.

 

Игор Панов