Мицкоски: ДУИ да се подготват за одговорност
За избори ќе се подготвиме кога ќе дојде време, сега подгответе се за одговорност. Ова е пораката која му ја испрати Мицкоски на Ахмети, кој излезе со став дека премиерот сака само да ја исплаши опозицијата а ДУИ е подготвена за нови предвремени избори. Вицепремиерот Меџити за изјавите на лидерот на ДУИ вели дека се позната реторика на интегративците и му порача да се подготви за уште долго време да остане во опозиција...

Прво од ДУИ нека се подготват за одговорност, а за избори кога ќе дојде време, му порача премиерот Христијан Мицкоски на Али Ахмети, кој изјави дека ДУИ се согласува за двојни избори в година. Мицкоски кажа дека во изјавата која тој ја даде како одговор на пратенички прашања на лидерот на СДСМ, Филипче, опозицијата само меѓу себе се храбри, а кога ќе дојде време да се испорача храброста, кукавички се затскриваат. Пред да се случат избори, приоритет на Владата е да се испорача тоа што го бараат граѓаните – борбата против криминалот и корупцијата, напорна работа, проекти, реформи.
„Разбирам дека раководството на ДУИ не сака да биде во опозиција, исплашени дека конечно ја чувствуваат одлучната на Владата за борбата против криминалот и корупцијата. Свесни се дека доаѓа денот кога ќе треба да бидат одговорни. Затоа непринципиелно се храбрат и мислат дека ќе магнетизираат повеќе гласачи. Мојата порака е да се подготват за одговорност, а за избори кога ќе дојде време, ќе се подготвуваме“, рече претседателот на Владата.
Ахмети од тетовско Боговиње рече дека изјавите на Мицкоски за предвремени избори имаат цел да ја исплашат опозицијата.
„Да видиме колку држиш до зборот или ова го кажа само за да ја уплашиш опозицијата на Македонците. Подготви се добро“, рече Ахмети од тетовско Боговиње.
Ахмети вели дека ДУИ во изминатите 22 години ја добил поддршката од граѓаните во сите изборни процеси. Тој порачува граѓаните да одлучат за која опција се, по година и пол од новата Влада.
На Ахмети му одговори првиот заменик-претседател на Владата, Изет Меџити, кој му порача да се подготви за уште долго време да остане во опозиција.
„Наместо да се претставува како некој голем фактор на политичката сцена, ДУИ би било подобро да се врати на внатрешните реформи и да ги исчисти своите редови од организираниот криминал и корупцијата“, вели Меџити.
Мицкоски ја изнесе својата идеја за организирање на заеднички парламентарни и локални избори следната година, повикувајќи на проверка на довербата на политичките партии.
Борис Грујоски
