Притвор за инспекторката осомничена за примање поткуп
Основното јавно обвинителство ќе започне истражна постапка, бидејќи осомничената во кумановски ресторан во својство на инспектор побарала и примила подарок, за да не изврши службено дејствие...

Притвор во траење од 30 дена доби 60-годишната градежна инспекторка од Општина Куманово, која што е осомничена за кривично дело примање поткуп.
Основното јавно обвинителство ќе започне истражна постапка, бидејќи осомничената во кумановски ресторан во својство на инспектор побарала и примила подарок, за да не изврши службено дејствие.
Како што информира обвинителството инспекторката извршила увид уште во август на местото на градба и констатирала отстапувања. Но, наместо да изготви решение за отстранување на доградени делови, од оштетениот изведувач побарала поткуп во износ од 1.500 евра.
При контрола во септември кај истиот изведувач на друга локација, пријавената повторно констатирала неправилности, и побарала уште 2.500 евра, или вкупно 4.000 евра за двата објекти. Парите и биле исплатени во целост.
