Во Куманово гасификацијата спора, аерозагадувањето активно
Во Куманово почна грејната сезона, се врати и аерозагадувањето. Последниот мониторинг покажа дека најмногу загадуваат домаќинствата и сообраќајот. Клучна мерка за справување со проблемот е гасификацијата. Но мрежата се шири споро, а голем дел од граѓаните не ни размислуваат да се приклучат …

Од 2006-та година во Куманово почна да се шири дистрибутивната гасоводна мрежа. Во 2012-та е приклучен првиот корисник домот за стари лица. Денес на природниот енергенс се затоплуваат над 200 приватни потрошувачи и 31 правно лице. Дури 100 клиенти се приклучени годинава, преку субвенциите од Владата и општината. Моменталната цена на гас е 56 денари за метар кубен, и истиот е поевтин од останатите нафтени деривати. Ширењето на мрежата кон индустриската зона во Доброшане влезе и во владината програма. Ќе се прошири за 2 километри. Во рамки на проектот ЕУ за чист воздух дури девет установи од идната година треба да го користат овој енергенс.
„Тоа се големи објекти кои се наоѓаат во централното подрачје кои ќе станат клиенти во наредната година и очекуваме да придонесат кон намалување на загадувањето во Општина Куманово“, истакна Марко Митровски, директор ЈП „Куманово гас“.
Но за целосна гасификација на градот доколку се продолжи со ова темпо ќе бидат потребни дури 300 години. Последниот мониторинг покажа дека во Куманово најмногу се загадува од согорување на биомасата, па сообраќајот. Со почетокот на грејната сезона, се зголеми и нивото на ПМ честичките. Граѓаните се свесни за загадувањето, но велат затоплувањето на огревно дрво е најевтино. За гасификација сè уште не размислуваат.
Инспекторат за животна средина при Општина Куманово веќе добил пријави за непријатна миризба во вечерни часови. Оттаму укажуваат дека државата мора да се насочи кон организиран систем за управување со отпад.
„Инспекцијата само контролира дали мерките се спроведуваат. Мерките се тие што ги решаваат проблемите. Ние не можеме да влеземе во домови, и да бараме што согоруваат граѓаните“, велат од Инспекцијата.
За справување со аерозагадувањето општината набави и трактор-атомизер. Но истиот не е забележан на улиците подолг период.
Со цел да се надмине аерозагадувањето, општина од пред неколку години донесе и план со краткорочни и долгорочни мерки. Клучна е гасификацијата, но и пошумувањето.
Месецов треба да почне поголема акција за пошумување.
Елена Георгиевска
