Свет

Изборната трка во САД влегува во финиш

03.11.2024 13:21

Изборната трка во САД влегува во финиш. Војната во Украина, имиграцијата, економијата, корупцијата и натаму пресудни за гласачите. За надворешната политика ставовите поделени.За Гласот на Америка на македонски јазик, од кампањите на двајцата кандидати став и за регионот на Западен Балкан.Најавена поддршка на демократските институции и борба против корупцијата. Харис вети поддршка и за македонските идентитет и јазик, Трамп најави економска соработка и безбедност...

Поддршка на демократските институции и борба против корупцијата во регионот на Западен Балкан, најавија Доналд Трамп и Камала Харис, кандидатите за шеф на Белата Куќа. За Гласот на Америка на македонски, потпретседателката и демократска кандидатка Харис вети ако биде избрана за претседател на САД,  ќе ги штити правата на граѓаните и земјите слободно да го изразуваат својот национален идентитет, вклучително и македонскиот идентитет и јазик.

„НАТО и ЕУ се базираат на заеднички демократски вредности, вклучувајќи силни, независни и одговорни институции. Нашите вредности, исто така, ги штитат и почитуваат правата на граѓаните и земјите слободно да го изразуваат својот национален идентитет, вклучително и македонскиот идентитет – и да го зборуваат својот национален јазик, вклучително и македонскиот јазик“, изјави портпаролот на кампањата на Харис за Гласот на Америка на македонски јазик.

Поранешниот претседател и републикански кандидат Доналд Трамп вети економска соработка и безбедност на Западен Балкан. Ја критикуваше надворешната политика на Бајден во однос на борбата против корупцијата и интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, нарекувајќи ја пасивна.

„Надворешната политика на администрацијата на Бајден на Балканот е обележана со неактивност, празни ветувања и недостиг од посветеност за вистинско разбирање на уникатните предизвици на регионот. Наместо да се спроведуваат значајни економски и иницијативи за раст во земји како Грција, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Романија и Словенија, за поддршка на овие нации во нивната борба против корупцијата и интеграцијата во ЕУ, администрацијата на Бајден се одлучи за пасивен пристап“, изјави Христос Марафацос, заменик-претседавач со Националната коалиција за различности на претседателот Трамп за Гласот на Америка на македонски јазик.

Исходот од изборите со нетрпение го очекуваат Американците, но и жителите на Европа. Тесните врски меѓу двата континента, според аналитичарите, неспорно ќе бидат појаки или послаби во зависност од резултатот на 5-ти ноември. Војната во Украина, имиграцијата, економијата, корупцијата и натаму пресудни за гласачите.

„Знаете, можевте да им дадете само толку многу пари на Украинците. Јас сум Украинец и верувам, знаете, во поддршката на мојата сопствена земја, но сепак мора да има ограничување на одредени работи“, изјави гласач.

„Не му верував на Трамп за безбедноста на Литванија. Не сум уверен и никој не ми докажа дека работите ќе се направат подобри за Украина и секако за Литванија и сите балтички држави“, изјави друг гласач.

„Нема шанси да гласам за Камала Харис. Таа имаше 55 недели да ја прекине војната“, додаде трет гласач.

Викендов во Мичиген, сојузна држава во која живеат околу 125 илјади Американци со македонско потекло, Македонците организираа настани за поддршка на кампањите на Харис и на Трамп. Повеќе од 60 милиони Американци ја искористиле можноста за предвремено гласање.

 

Маријана Димовска