Почина новороденче на Детска клиника, било донесено во тешка здравствена состојба
Почина новороденче на Детската клиника. Бебето старо осум дена било донесено од Струмица во тешка состојба со дијагностицирана сепса – вели директорот Мемеди. Државниот здравствен инспекторат ќе изврши надзор, случајот го потврди Здравство …

Новороденче старо 8 дена почина на Детската клиника во Скопје. Во четвртокот било донесено во тешка здравствена состојба.
Надлежните институции ќе вршат надзор дали има пропустот во третманот на починатото бебе старо само осум дена. Од Здравство велат согласно информациите од Клиниката за детски болести новороденчето било пренесено од Струмица по неколку дена поради инфекција дома, каде што сите членови на семејството биле заболени. Било примено на Клиниката за детски болести во тешка состојба, со дијагностицирана тешка сепса, вели директорот на Клиниката, Мемеди.
„Станува збор за прематурно бебе, со имтрауатарно страдање, ниска родилна тежина за возраста. Донесено од Струмица после неколку дена со инфекција од дома, сите биле болни. Со закаснување е донесено во тешка состојба со сепса. Обезбедена е целосна нега и професионална грижа од Одделот за интензивна нега, но за жал кај бебиња со компромитиран имунитет, прематурни, раната сепса има висок степен на смртност. Нема ништо спорно“, соопштуваат од Универзитетската клиниката за педијатрија.
Од струмичката болница, каде било родено бебето, велат не станува збор за предвреме родено бебе. За состојбата во домот родителите пријавиле во струмичката болница, каде бебето било донесено со температура и хоспитализирано. Биле извршени сите контроли, по два дена состојбата се стабилизирала, но третиот ден од престојот повторно качило температура и од струмичката болница со медицински транспорт било пренесено на Детската клиника во Скопје во стабилна состојба.
Сега Државниот здравствен и санитарен инспекторат ќе врши надзор, ќе се утврдува дали имало пропусти и на Детската клиника и во струмичката болница. Ова е втор случај на починато бебе на Клиниката за детски болести во Скопје во последниов месец. Пред извесен период почина 14-месечено бебе по што двајца лекари беа суспендирани.
Ана Јосифоска
