Годинешнава реколта од преспанскиот јаболкобер тежи околу 70 илјади тони јаболко
Преспанските овоштари го собраа годинешниов род тежок 70.000 тони јаболко. Производството потфрли за 30 посто, но годинава јаболкото е со екстра квалитет. Откупната цена од 8 денари за индустриското и 15 за конзумното е далеку од посакуваните цени кои овозможуваат рентабилно работење. Некои ќе ги складираат јаболката и чекајќи подобра цена ќе се тешат со времињата кога од една реколта се купуваше и стан во Скопје и Битола …

Откинувањето на последните јаболка од стеблата го означуваат крајот на преспанскиот јаболкобер. Пазарните состојби причина тој наместо во еуфорија да помине во сеќавањата од минатото кога преспанското јаболко го имаше речиси на сите пазари во бившата Југославија, а заработката овозможуваше решавање на многу важни прашања.
Годинешнава реколта тежи само 70.000 тони јаболка или 30 посто помалку од очекуваното. Климатските промени и намалените насади си го прават своето велат овоштарите кои се задоволни од високиот квалитет но и очајни што не е достигната посакуваната откупна цена од 20-25 денари и е под работ на рентабилноста.
Додека помалите овоштари го предаваат родот оние поголемите со складишен простор велат ќе ги чекаат првите месеци по нова години со надеж дека откупната цена тогаш би била двојно поголема и би ја донела посакуваната заработка која ни случајно може да биде на нивото на некогашната.
Стевче Митревски
