Политика

Политички препукувања на релација ДУИ-ВЛЕН

03.11.2024 17:56

Политички препукувања на релација ДУИ-ВЛЕН по навестувањето на премиерот Мицкоски за можноста за предвремени парламентарни избори.Од ДУИ велат партијата ја реформирале со заминувањето на Меџити, од ВЛЕН порачуваат Ахмети да се обврзе ако изгуби на избори дека ќе замине од политиката …

Од „Вреди“ му порачаа на Ахмети, наместо да ги храбри уплашените поранешни функционери со лажни барања за предвремени парламентарни избори нека се посвети на внатрешни кадровски и програмски реформи. Посочуваат дека со оваа блеферска реторика ДУИ потврди дека барањето за предвремени парламентарни избори служи само за да се прикрие стравот од правосудна одговорност за криминалот.

„ДУИ се движи кон неизбежен политички крах на претстојните локални избори, избирајќи да настапи со корумпираното и компромитирано раководство кое е олицетворение на злоупотреба и лични интереси. Со лица како Садула Дураку, Талат Џафери, Муса Џафери, Пуцко Петрол и Блерим Беџети, кои се длабоко вмешани во сомнителни зделки и афери, а дел од нив се и на црната листа на САД, ДУИ ја покажува својата целосна ароганција, отсутност од реалноста, но пред сè безобразност пред граѓаните“, соопштуваат од „Вреди“.

Интегративците се реформираа со заминувањето на Изет Мегавин Меџити, добро е да има избори за да се запре понижувањето на Албанците, велат од ДУИ. Ги повикаа „Вреди“ да не се плашат и да ги измерат силите на предвремени избори.

„Тие што треба да сносат одговорност се во Владата, вие ги имате на вашата десна страна, а од криминалци ги „реформиравте“ во џентлмени. Сите тие во месец мај јавно ветија дека доколку изгубат со еден глас помалку ќе поднесат оставки од своите партии, но не го одржаа зборот. Истите, ветија дека ако не се смени Уставот за 6 месеци, ќе си заминат од Владата, повторно излажаа“, соопштуваат од ДУИ.

Меѓусебни обвинувања за криминали, но и за реформирање во сопствените редови од „Вреди“ и ДУИ доаѓаат откако премиерот Мицкоски ја фрли ракавицата за предвремени избори, и им порача на интегративците да се подготват за одговорност, а избори ќе има кога ќе дојде време.

 

Игор Панов