САД

Неизвесност пред изборите во САД, светот со нетрпение го чека исходот

04.11.2024 08:44

Уште еден ден до изборите во САД. Републиканецот Доналд Трамп или демократката Камала Харис – Европа и светот со нетрпение го чека исходот од гласањето на претседателските избори кои многумина ги оквалификуваат како историски. Анкетите покажуваат изедначена борба меѓу двајцата кандидати и во финишот на претседателската трка...

Соединетите Американски Држави одбројуваат. За еден ден ќе се знае кого Американците избрале за станар на Белата куќа во следните четири години. Трката и натаму е неизвесна. И демократите и републиканците велат дека победуваат во повеќето клучни држави. Според последните податоци, повеќе од 70 милиони гласачи го искористиле своето право и предвреме гласале на претседателските избори.

„Духот на демократијата е жив. Навистина сум возбуден за вторник. Ќе биде многу интересен и возбудлив ден“, вели гласач.

„Искрено се чувствував одлично само што дојдов овде, во Градското собрание, и знам дека можеме да гласаме и да ја одредиме иднината на нашето општество“, рече гласач.

Тешки зборови и обвинувања во завршните митинзи на Доналд Трамп и Камала Харис за војната во Украина, имиграцијата, економијата, корупцијата, правата на жените. Поранешниот американски претседател вчера изјави дека жали што ја напуштил Белата куќа откако ги загуби претседателските избори во 2020 година, кои никогаш не ги призна.

„По сето она што го поминавме заедно, стоиме на прагот на четирите најголеми години во американската историја. Ќе биде многу добро. Ќе биде многу забавно. Ќе биде малку гадно можеби на почетокот, но тоа ќе биде нешто што оваа земја никогаш не го достигнала и никој никогаш не помислил дека ќе го види“, изјави Доналд Трамп, поранешен претседател на САД.

Демократската кандидатка за претседателка, Камала Харис вети дека ќе ја сврти страницата на една деценија политика водена од страв и поделеност и изрази уверување дека ќе победи во трката за Белата куќа.

„Не се враќаме назад. Не се враќаме затоа што нашата борба е за иднината. И тоа е борба за слобода, вклучувајќи ја и основната слобода на жената да носи одлуки за сопственото тело, а нејзината влада да не и кажува што да прави“, изјави Камала Харис, претседателски кандидат.

Вашингтон е под засилени безбедносни мерки откако разузнавачките служби предупредија дека Русија и Иран може да ги охрабрат граѓаните за насилни протести по изборите. Москва и Техеран ги отфрлија тврдењата дека се обидуваат да влијаат на изборите во САД.

 

Маријана Димовска