Ин мемориам

Почина македонската писателка Оливера Николова

04.11.2024 11:39

Вредностите на Оливера Николова во македонската книжевност за деца, од нејзината прва книга, континуирано, се мошне високо рангирани. Сите критичари кои се занимавале со нејзините книги за деца потенцирале дека со нејзиното творештво македонската книжевност за деца се збогатува со дотогаш неоткриени мотиви...

Почина Оливера Николова – македонската писателка најмногу позната по култното дело „Зоки Поки“.

Таа е писателка за возрасни и за деца и е една од најплодотворните, најнаградувани и најчитани македонски писателки.

Оливера Николова е родена на 11 март 1936 година во Скопје. Дипломирала на Филозофски факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Целиот работен век го поминала во Македонската радио-телевизија, работејќи како уредник и драматург. Таа e член на Друштвото на писателите на Македонија од 1963 година.

Оливера Николова е автор на неколку телевизиски игри: „Зоки Поки“ (ТВ-куклена серија); „Среќен пат, Зоки!“ (ТВ-куклена серија, со Глигор Поповски и Видое Подгорец); „Девојките на Марко“ (ТВ-серија во шест епизоди). Исто така, таа е автор и на неколку радио-игри: „Земја во која не се стигнува“, „Игра за мама“, „Од палец до сон“, „Како расте татковината“, „Големото зошто“ итн.

Вредностите на Оливера Николова во македонската книжевност за деца, од нејзината прва книга, континуирано, се мошне високо рангирани. Сите критичари кои се занимавале со нејзините книги за деца потенцирале дека со нејзиното творештво македонската книжевност за деца се збогатува со дотогаш неоткриени мотиви. Оливера Николова е писателка која сака секогаш да биде нова, која ја истражува и формата, но која пред сè, реагира на животот и на новините кои се случуваат во него менувајќи го сензибилитетот на современото дете.

Добитничка е на Орден за заслуги за Македонија во 2024 година.