Изборната трка во САД влегува во финиш
Уште еден ден до изборите во САД. Републиканецот Доналд Трамп или демократката Камала Харис – Европа и светот со нетрпение го чека исходот од гласањето на претседателските избори кои многумина ги оквалификуваат како историски. Анкетите покажуваат изедначена борба меѓу двајцата кандидати и во финишот на претседателската трка…

Соединетите Американски Држави одбројуваат. За еден ден ќе се знае кого Американците избрале за станар на Белата куќа во следните четири години. Трката и натаму е неизвесна. Секој го брани својот фаворит. И демократите и републиканците велат дека победуваат во повеќето клучни држави.
„Доналд Трамп е како зомби. Постојано се враќа. Посакувам луѓето да размислат, тој не дава никакви решенија“, рече гласач.
„Земјата не е на добро место. Камала Харис само ги лаже луѓето од оваа земја, бесрамни лаги за Трамп затоа што тој е најдоброто нешто за оваа земја“, рече друг.
„Со нетрпение очекуваме да го избереме претседателот Трамп, нашиот 47-ми претседател на САД“, изјави еден од гласачите.
„Камала Харис ќе ја спречи оваа ерозија на американските вредности што се случува“, вели друг.
Според последните податоци, повеќе од 70 милиони гласачи го искористиле своето право и предвреме гласале на претседателските избори.
„Духот на демократијата е жив. Навистина сум возбуден за вторник. Ќе биде многу интересен и возбудлив ден“, гласач.
„Искрено се чувствував одлично само што дојдов овде, во Градското собрание, и знам дека можеме да гласаме и да ја одредиме иднината на нашето општество“, гласач.
Тешки зборови и обвинувања во завршните митинзи на Доналд Трамп и Камала Харис за војната во Украина, имиграцијата, економијата, корупцијата, правата на жените …
„По сето она што го поминавме заедно, стоиме на прагот на четирите најголеми години во американската историја. Ќе биде многу добро. Ќе биде многу забавно. Ќе биде малку гадно можеби на почетокот, но тоа ќе биде нешто што оваа земја никогаш не го достигнала и никој никогаш не помислил дека ќе го види“, изјави Доналд Трамп, поранешен претседател на САД.
„Не се враќаме назад. Не се враќаме затоа што нашата борба е за иднината. И тоа е борба за слобода, вклучувајќи ја и основната слобода на жената да носи одлуки за сопственото тело, а нејзината влада да не и кажува што да прави“, порача Камала Харис, претседателски кандидат.
Вашингтон е под засилени безбедносни мерки откако разузнавачките служби предупредија дека Русија и Иран може да ги охрабрат граѓаните за насилни протести по изборите. Москва и Техеран ги отфрлија тврдењата дека се обидуваат да влијаат на изборите во САД.
Маријана Димовска
