Министерката Божиновска ќе учествува на 21. Економски форум во Виена
Министерката Божиновска ќе учествува на третата сесија на Форумот, насловена „Заедничка одговорност на економијата и политиката за сигурна европска иднина“.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска ќе учествува на 21. Виенски Економски Форум (ВЕФ) – „Виенски дијалог за иднината 2024“, што ќе се одржи денеска во Виена, Австрија.
Како дел од овогодинешната тема „Регионалната економија како дел од европската и глобалната економија“, Виенскиот Економски Форум на едно место ќе ги обедини лидерите од цела Европа кои ќе разговараат за клучните економски и политички прашања кои ја обликуваат иднината на регионот, соопшти Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.
Министерката Божиновска ќе учествува на третата сесија на Форумот, насловена „Заедничка одговорност на економијата и политиката за сигурна европска иднина“.
Сесијата, модерирана од Даниела Филип, ќе биде отворена со изјава на Матео Ривелини, раководител на Одделот за Западен Балкан и Турција во Европската инвестициска банка (ЕИБ).
Заедно со регионални лидери и експерти, министерката Божиновска ќе дискутира за колективните одговорности на политичките и економските сектори за обезбедување стабилна, одржлива и просперитетна иднина за Европа- стои во соопштението.
