Почна фестивалот на античка драма во Стоби
Во Стоби почна 13-то издание на Интернационалниот фестивал на античка драма. Во осумте фестивалски вечери со пет престави ќе се потсети дека во древниот град се менуваат актерите и публиката, но искажаниот збор е идентичен со оној од античкото време...

Со играта на актерите од Турскиот театар од Скопје повторно оживеа сцената на античкиот театар како дел од 13-тиот Интернационален фестивал на античка драма Стоби 2014. Прогласувајќи го фестивалот за отворен градоначалникот Чадиев потенцира дека актерите и публиката како верна алка секоја година одново и одново ја откриваат мистиката на локалитетот кој е сврзник на минатото и сегашноста.
„13-ти пат сме сведоци на волшебното патувањато назад, во времето преку истиот збор искажан пред 200 години на иство ова место. Се менуваат актерите се менува публиката, се менуваат годините, вековите, но мислителот и неговиот збор се исти“, рече Славчо Чадиев, градоначалник на Велес.
Иако осмислена како камерна престава, моќта на Стоби придонесе актерите од Турскиот театар брилијантно да ја одиграат преставата Војниче Фалбаџиче. Јазичната бариера беше надмината со одличната игра па публиката лесно ја разбра приказната за прељубниците, за случките на робот и локалните жители кои се здружија за да го срушат од власт војникот фалбаџија
„Самата атмосфера и каменот и воздухот и ветарот носи посебни чуства“, вели актерката Слаѓана Јовановска.
„Ова беше посебно искуство за нас, мене ми е втор пат да играм на оваа сцена“, рече актерот Осман Али.
Уште четири престави се на фестивалскиот репертоар. Публиката со големи очекувања.
„До сега било убаво, очекувам и понатаму да биде, од она што го нуди програмата има интересни престави... Добро почна се надевам и добро ќе продолжи и одлично ќе заврши“, велат анкетираните љубители на античка драма.
Утревечер на оваа сцена Стефанија Зисовска, Благој Веселинов и Нина Максимова ќе ја одиграат преставата Федра.
Дијана Иванова
