Молдавија

Маја Санду прогласи победа на претседателските избори во Молдавија

04.11.2024 17:55

Маја Санду прогласи победа на претседателските избори во Молдавија. На гласањето се гледаше како на избор помеѓу Европа и Русија. Процесот го одбележаа обвинувања за надворешни мешања од Москва...

Проевропската актуелна претседателка Маја Санду издвои тесна победа во вториот круг од изборите во Молдавија над нејзиниот проруски ривал, Александр Стојаногло. Не дозволивме да не клекнат на колена-изјави актуелната претседателка во првичното обраќање до јавноста.

„Денес, ја спасивте Молдавија. Никој не изгуби во нашиот избор за достоинствена иднина. Слободата, вистината и правдата победија. Докажавме дека обединети успеваме да ги победиме оние кои сакаа да не клекнат на колена“, изјави Маја Санду, претседателка на Молдавија.

Граѓаните очекуваат подобри денови.

„Се надевам дека владата ќе ги разбере резултатите, особено оние добиени на молдавска почва, кои беа негативни за нив, како на референдумот, така и на претседателските избори. Се надевам на вистински промени и добро владеење ако сакаат да победат на парламентарните избори во 2025 година“, изјави Артур, жител на Молдавија.

Брисел и ја честиташе победата на Санду. Во заедничка писмена изјава на Европската комисија и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жосеп Борел, се наведува дека и покрај руското мешање, молдавските власти успеале успешно да ги спроведат изборите.

„Им честитаме на молдавските власти за успешното спроведување на изборите и покрај мешањето на Русија без преседан, вклучително и со купување гласови и ширење дезинформации. Овие хибридни активности беа обид за поткопување на демократските институции на земјата и на нејзиниот пат кон ЕУ“, – стои во заедничката изјава.

Во првиот круг од претседателските избори во Молдавија се одржа и референдум, на кој граѓаните се изјаснија дека го поддржуваат членство во ЕУ.

 

Бојана Крстевски