Политика

Партиите со различни ставови за предвремени избори

04.11.2024 16:03

Фрлената ракавица од премиерот Мицкоски за време на собраниската седница за пратенички прашања, ја разбранува политичката сцена. СДСМ порача дека се подготвени за какви било избори. Од коалицијата „Вреди“ уверуваат дека мнозинството е стабилно, па, оттука, евентуалните избори би биле непотребен трошок за државата и губење време...

Сите подготвени за предвремени парламентарни избори следната година, но тоа не значи и дека ќе се одржат. Првиот социјалдемократ Филипче, по собраниската дебата со премиерот поканата за предвремени избори по само 5 месеци ја толкува како доказ дека на владата навистина не ѝ оди. Тврди Мицкоски кокетира со ДУИ, а испраќа порака на „Вреди“ и ЗНАМ.

Очекуваме Мицкоски да го одржи зборот, велат во ДУИ. И тие биле подготвени за предвремени избори преку кои би се соочиле со народот.

Трошок и губење време се предвремени избори. Владата е стабилна и има стабилно мнозинство, скоро ќе брои и 80 пратеници што е две третини – вели првиот вицепремиер од редовите на „Вреди“, Изет Меџити.

Во ВМРО- ДПМНЕ пак кусо нагласуваат дека односите во владејачката коалиција се квалитетни, а ако Филипче сака предвремени избори, нека поднесе барање со неговите пратеници во Собранието.

 

Миле А. Ристески