Се проверува случајот со починатото бебе
Инспекторите на ДСЗИ на терен. Се испитува случајот со смртта на новороденчето на Детска клиника, каде било донесено со тешка сепса. Се утврдува дали имало евентуални пропусти, и таму и во струмичката болница …

Инспекторите од санитарен и здравствен инспекторат се на терен, ќе утврдуваат постојат ли пропусти во третман и лекувањето на бебето од Струмица коешто почина на Клиниката за детски болести.
Од ДСЗИ кусо одговорија, по направениот увид ќе изготват извештај којшто ќе им помогне на надлежните да оценат дали попуштила некоја алка во здравствениот систем и дали има одговорни за смртта на бебето старо само осум дена.
Од струмичката болница, каде е родено бебето, велат не станува збор за предвреме родено. За состојбата во домот, родителите пријавиле во струмичката болница, каде било донесено со температура и хоспитализирано.
Биле извршени сите контроли, по два дена состојбата се стабилизирала, но третиот ден од престојот повторно качило температура и од струмичката болница со медицински транспорт било пренесено на Детската клиника во Скопје во стабилна состојба.
Како и од што се влошила состојбата, се испитува.
Ова е втор случај на починато бебе на Клиниката за детски болести во Скопје во последниов месец. По смртта на 14-месечено бебе беа суспендирани двајца лекари.
Наташа Јанчиќ Менковски
