Регион

Се бара одговорност за несреќата во Нови Сад

04.11.2024 18:29

Состојбата на повредените сè уште критична. Истрагата е отворена, се бара одговорност по трагедијата во Нови Сад. Граѓани на протести, повикуваат на оставки …

Трет ден на жалост во Нови Сад. Атмосферата пред самата железничка станица и воопшто во Нови Сад е многу тешка, луѓето се огорчени, жалосни се. Се гледа тага кај нив, но и гнев и бараат одговор-како можеше тоа да се случи?! Камерата на МТВ забележа многу луѓе пред станицата, жители од Нови Сад и роднини на починатите коишто палат свеќи.

Започна погребот на жртвите, а граѓаните со цвеќиња и свеќи им оддаваат почит на жртвите.

„Жалосно. Тажно. Ова повеќе никогаш и никаде да не се повтори. Тука загина мој роднина. Млад. Што да ви кажам, чувствувам тага и болка.“

„За сите нас граѓани ова е потресно. Жал ми е мислам дека сите треба да дојдеме и да покажеме дека ова беше, не можам да кажам дека е несреќа, но многу потресно беше за сите нас“- велат граѓаните кои ги анкетиравме.

Трите лица кои беа тешко повредени во уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад сè уште се во тешка состојба и нивните животи се во опасност.

Поради оваа трагедија од граѓаните беа организирани два протести, во саботата во Нови Сад и во неделата во Белград. Новосадската опозиција најави голем протест за вторник во 18 часот пред железничката станица.

Граѓаните бараат оставки од министерот за градежништво Горан Весиќ, премиерот Милош Вучевиќ и градоначалникот на Нови Сад Милан Ѓуровиќ.

Во моментов главна полемика се води за настрешницата што се урна, дали е реконструирана или не. Претставници на властите и на кинеската компанија која ја реконструираше тврдат дека таа не е реконструирана, а инженерите и граѓаните го тврдат спротивното, дека е реконструирана.

Овде сите имаме некакво чувство на тага, но и на гнев и страв, што се прекршува од секунда на секунда, а нашите мисли и молитви се за фамилиите на жртвите и на оние кои се повредени и се борат за својот живот. А главно прашање овде е она што сите не мачи е зошто ова се случи и кој е одговорен, кој ќе сноси одговорност оти вакво нешто е недопустливо“, вели Дуња Мимиќ, новинар во ТВ Прва, Нови Сад.

Вишото јавно обвинителство во Нови Сад до вчера сослуша 40 лица, меѓу кои и министерот за градежништво Горан Весиќ. Истрагата продолжува и денес. Претседателот Александар Вучиќ побара кривична и политичка одговорност.

Просторот пред Железничката станица е расчистен и е земен како доказен материјал. Самат железничка станица не е во функција. Граѓаните чекаат одговор на прашањето како ова можеше да се случи.

Оливер Бранковиќ, специјален известувач од Нови Сад за МРТ